„Работам во градската болница во Велес – мора да ви ја пренесам тажната приказна за дедо Петре“

Над дваесет години како сум дел од тимот на градската болница во Велес. За сите тие години имам видено многу убави нешта, но и многу тажни моменти. Низ мои раце поминале животни приказни, кои ако ги соберам сите, би испишале страници и страници од безброј книги. Има такви кои ги имам заборавено брзо, има такви на кои се сеќавам половично, но има и такви кои нема никогаш да ги заборавам. Таква беше приказната и за дедо Петре.

Prikazna-za-dedo-Petre-Sakam-da-raskazham-za-nego-za-da-mozhe-da-ostane-kako-edna-tazhna-prikazna-koja-kje-ne-razbudi-site-nas-01.jpg

Жена од Велес која над 20 години е дел од тимот на градската болница во Велес за CRNOBELO.com пренесува една емотивна ситуација која вели дека ќе ја помни до крајот на животот, таа порачува дека од децата на прекрасниот 90-годишен дедо Петре треба да научиме како НЕ треба во животот да се однесуваме кон родителите.

Емотивната приказна за дедо Петре:

„Дедо Петре (како што беше познат за нас во болницата) беше 90-годишен дедо, кој имаше мило лице и уште помили очи. Беше донесен едно утро, кога јас не бев на смена. Па веднаш кога дојдов на работа ми раскажаа на кратко за него. Го нашле соседите паднат во дворот; со многу низок притисок и ослабено срце.

Не нè изненадуваше тоа за годините негови. Освен тоа, дедо Петре не беше болен од ништо. Самиот тој ни кажа гордо дека ова му било вторпат да дојде во болница. Така се сите стари генерации, здрави. Поздраво се хранеле, поздраво живееле.

Уште првите денови, дедо Петре ни стана омилен пациент. Имаше некоја прекрасна харизма која тешко може да се опише со зборови. Знаеше да нè насмее, да раскаже некоја интересна случка, да нè замисли со неговите лекции. Многу мудар човек. Иако необразован, и само со основно училиште, дедо Петре беше поучен од многу луѓе кои ги познавам, а се магистри и доктори. Таа мудрост ретко кој ја има.

Дедо Петре ми ја раскажа својата животна приказна една ноќ, кога бев трета смена. Не можеше да заспие, а требаше да одмара, па се обидов да го натерам да заспие.

Никогаш нема да заборавам што ми рече во тој момент: „Ох ќерко, како да спијам кога тие што треба да се грижат дали спијам, си спијат мирно дома.“ И тогаш ме замисли. За тие неколку денови додека дедо Петре беше во болница, дојдоа да го посетат соседите кои го донесоа, двајца пријатели и еден братучед.

Како со кнедла во грло, ми раскажа како над десет години не го посетувала ни ќерката, а ни синот, а камоли внуците. Како не можеле да одвојат барем малку време за него.

Ми раскажа дека често се прашува каде згрешил, дека додека растеле биле паметни и воспитани деца полни со љубов и грижа. Биле весели и мили млади луѓе, и секогаш со почит се однесувале кон него и неговата сопруга. Дури и кога тој останал сам, и кога починала нивната мајка, дедо Петре пак се грижел за нив додека го држела силата.

„Јас си ја изгубив жената, а не сакав да ги изгубам и нив“, ми рече низ солзи. „Да си ги чуваш ќерко родителите, да си ги пазиш“, додаде.

Беше уверен дека брзиот и модерен живот ги сменил, ги направил ладни и себични. И се гледаше дека тоа го боли најмногу. Ми раскажа како им дал сè што имал. Работел и ден и ноќ за да им обезбеди убав живот, да се школуваат, и да си изградат кариери. Успеал сам да им купи станови, да ги опреми, да им даде сигурност. Ама како што повеќе давал, така тие повеќе земале, за на крај да се отстранат од неговиот живот – и тоа да му го земат.

Јас не знаев што да кажам, се обидов да му објаснам дека можеби се многу зафатени ама дека сигурно ќе дојдат. Ама додека го кажував тоа, знаев дека е лага, знаев дека не треба во тоа да верувам и да терам некој друг да верува. Знаев дека е погрешно. А тој само ми се насмевна нежно и си ја заврти главата.

Prikazna-za-dedo-Petre-Sakam-da-raskazham-za-nego-za-da-mozhe-da-ostane-kako-edna-tazhna-prikazna-koja-kje-ne-razbudi-site-nas-02.jpg

Следните неколку денови дедо Петре стануваше потажен и потажен. Не сакаше да јаде, одбиваше да пие вода. Едноставно како некоја тага да го обзема.

Како некое непишано правило, знаевме дека кога пациент одбива да јаде и пие, дека тоа не е добар знак. Што и да му кажев како да не ме слушаше. Само гледаше низ прозорецот во дрвјата и накај едниот од ридовите околу Велес.

Тогаш се решив некако да стапам во контакт со неговите деца. Велес е мал град, и за брзо може да се дознае кој на кого е, телефонски број, адреса.

За неполни триесет минути ги добив броевите на неговите деца. Прво се јавив кај синот, и се обидов на културен и учтив начин да објаснам дека дедо Петре не е добар, и дека ми се чини како да нема уште многу денови живот. Некако не бев ни изненадена кога гласот од таму ми кажа: „Ами времето му дошло, шо да праиме ние сеа?“

Со тешко срце исклучив, не се ни поздравив, и завртив на бројот на неговата ќерка. Слично, ми кажа дека не знае таа ништо за тоа, дека нема време и дека не може сега да зборува за тоа. Во овој случај таа ми исклучи и не ми дозволи да ѝ објаснам.

Заминав дома тоа попладне со некоја тегоба во гради, некоја тага која не можам соодветно ни да ја опишам. Тешко спиев ноќта, и тешко се разбудив.

Првата вест која ме сретна утрината кога влегував во болницата беше дека ноќта дедо Петре починал. Цел ден плачев. Не го знаев човекот, но како да го знаев цел живот. Знаејќи дека беше оставен сам и дека никој не дојде да го посети, веднаш прашав кој го земал, кој ќе го среди погребот, преносот. На што ми кажаа дека некои роднини и негови уште живи пријатели, го средиле сето тоа.

Дедо Петре почина точно пред четири години, а оваа приказна никако да ја заборавам. Се сеќавам дента кога почина во солзи заминав кај мајка ми, ја прегрнав силно, и без да знае си ветив дека нема никогаш да ѝ го направам тоа што му го направиле децата на дедо Петре. Како би можела, кога таа жена ми дала мене сè.

Секоја година, на денот на неговата смрт, го посетувам гробот на дедо Петре на градските гробишта кај Свети Пантелејмон црквата, во Велес.

Ова брзо време нè уништи сите. Нè направи нешто кое не можеме да го препознаеме. Се забораваме себеси, а најлошо од сè е дека ги забораваме нашите најмили. Трошиме време да заработиме, да направиме едно богатство, а вистинското богатство дома го фрламе, го игнорираме, го повредуваме.

Сакам да раскажам за дедо Петре, за да може да остане како една тажна приказна која ќе нè разбуди сите нас, која ќе нè научи дека домот е единствената тврдина која може да ни даде безусловна среќа, љубов, радост.

Почивај во мир дедо Петре.“

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

К. А. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
„Пред 45 години успеав да ја заведам единствената жена која посакав да ми роди деца“ – Жељко Самарџи... „Во брак сме 45 години и заедно пребродивме многу убави, но и тешки животни моме...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg