Марија од Скопје живее со биполарно растројство: „Имам манични и депресивни периоди, но мојот сопруг е мојата најголема поддршка“

Како изгледаат манијакалните епизоди? Кои се најчудните работи што ги имаш направено?

Среќа во несреќа, јас имам биполарно растројство тип 2, што значи пократки мании и без психотични ефекти, како слушање гласови и гледање работи кои не се вистински.

Манијата има две фази – хипо и хипер. Хипоманијата во која најчесто влегувам е проследена со голема продуктивност, храната ми е вкусна, па качувам едно 6 килограми секојпат, имам потреба од ораторство, слушање многу музика, љубов и емпатија кон сите, безрезервно помагање на пријатели и познаници, побрзо возење, зголемено либидо, многу постирање на Фејсбук и потреба од внимание, трошење пари беспотребно (во мојот случај за мебел, реновирања и патувања).

Имам мал милион идеи за проекти кои се во суштина одлични проекти, но кога ќе дојде време за имплементација доколку сум во депресија - ништо од нив не бидува.

Хиперманијата, која е симптом на биполарно растројство тип 1, веќе го ништи тој фокус и таа мотивација, станува тешко да се живее во своја кожа, светот се врти многу побрзо од светот на другите, спиење минимално, делузии и дисоцијација со реалноста.

Чудни работи еден тон. На пример, мојата романтична душа ме однесе до Лос Анџелес во 2000-та година по дечко кој го имав запознаено во авион и поминато само 5 часа во негово друштво. Иако ова слатко звучи, можеше да биде исклучително опасно и ризично.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-08.jpg

Колку ти траат депресивните периоди?

До пред две години, секоја година бев во депресија 3-4 месеци. Но, последниве години циклусот ми се измени веројатно поради перименопаузните симптоми и опаѓањето на естрогенот.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-16.jpg

На колку време се случува промената на расположението? Какво расположение ти доминира почесто?

Сега е сосема непредвидливо – на неколку недели за разлика од порано што беа поврзани со годишните времиња – пролет еуфорија, лето хипоманија, есен меланхолија, зима депресија.

Тешко ми е да одредам кое расположение е доминантно кај мене, но секако подолго поминувам во депресија и анксиозност.

Со сопругот забележавме дека со една непроспиена ноќ јас можам да се извлечам од депресија и да влезам во продуктивна хипоманија, но такво играње со серотонинот и допаминот може да биде опасно.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-15.jpg

Влијаат ли стресните настани на појава на одредени симптоми? Си имала ли таква ситуација?

Секако и многу ситуации има, со тоа што последната е до неодамна и беше три седмици во манија само поради нашата преселба од Окленд, Нов Зеланд, во Скопје.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-07.jpg

Каква терапија практикуваш?

Пијам два лека наутро и навечер. Ја користам апликацијата Balance за медитација и смирување, ја користам и eMoods апликацијата во која ги забележувам моите промени во расположение на крајот на секој ден. Дури сега конечно почнувам со психотерапија и индивидуална и групна во дневната болница.

Ѕвездите како Кетрин Зита-Џонс, Роби Вилијамс и Бен Стилер отворено говорат за соочувањето со оваа болест … Колку сметаш дека говорењето на темата јавно помага?

Клучно е луѓето кои живеат со ова да знаат дека не се сами, да знаат каде може да побараат помош и да ја добијат по прифатлива цена. Тоа е главната причина поради која говорам јавно.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-14.jpg

Каква е ситуацијата кај нас, колку во Македонија уште е табу-тема да се говори за менталните болести?

Ова е прашање за оние кои ме знаат. Сите околу мене знаат и буквално ми се неисцрпна поддршка.

Но, почетокот на 2000-тите беше искрено мачно. Секој си даваше за право да ме игнорира или многу често да ме исмејува во лице во друштво.

Но, имам чувство дека барем во Скопје, погледите се сменети изминативе 10-тина години.

marija-od-skopje-za-dijagnozata-bipolarno-rastrojstvo-10.jpg

Што би им порачала на другите што се соочуваат со оваа дијагноза?

Прво и најважно да научат сè што можат за состојбата. Психофармакологијата да ја знаат за својата состојба. Да најдат психијатар и клинички психолог каде првиот работи на давање на соодветните медикаменти, а другиот ги дава потребните алатки да се борите за својата стабилност.

Топло препорачувам да одат на Психијатрија во Клинички Центар во Скопје каде имаат три опции: лежење на оддел, амбулантно и дневна болница.

Јас сум во дневна болница моментално, околу 2 часа во денот и сум многу задоволна досега. Дневната болница постои скоро 20 години и многу ми е жал што јас дури сега дознавам, иако сум била на многу психијатри овие 22 години.

Исто така, мора да се свесни дека лековите делуваат различно кај сите и дека може да треба месеци, дури и години додека се најде соодветната терапија. Да се подготвени да имаат рутина во спиење, здрава исхрана, физичка активност бидејќи некои од овие лекови здебелуваат до 30 килограми. Да се зачленат во групи на ФБ за биполарно растројство како Bipolar Moms Support Group, дa се претплатат бесплатно на англискиот портал The Almighty.

Биполарното растројство  е колку клетва, толку дар. Никој кој не бил во хипоманија не може да ја почувствува среќата, самодовербата, енергијата, љубовта која ние ја чувствуваме... Но, падот во депресија е брз и длабок.

Таа црна дупка е  тешка, но доколку ни подадат раце најблиските, посетуваме психијатар и психолог и редовно ги пиеме лековите, имаме одлични статистички шанси да закрепнеме брзо. И за време на секоја депресија си ја повторувам мантратата „И ова ќе помине”.

Прочитајте и Искрена исповед на Марија од Скопје: „Зошто се вративме од Нов Зеланд во Македонија?“

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Симона Симионова | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Бразилецот Клаудио за посетата во Македонија: „Македонките се преубави, таксистите наплаќаат трипати... „Локалците, кои јас ги запознав, се навистина заинтересирани за странци, посебно...
Ана од Скопје: „На 20 години го имав првиот сериозен симптом на мултипла склероза, син ми ми е злато... „Користам бастун, чинам од пред 10 години. Познаниците што не ме виделе подолго ...
Љубовната приказна на Драгица од Скопје и Марк од Бејрут: „Ме запроси во Либан, а се венчавме во Мак... Младата скопјанка, Драгица Ибрахимовиќ (27), која работи како стјуардеса во авио...
Бобан Алексов живее 6 години во Данска: „Заминав 'на слепо', работа најдов случајно на Фејсбук, живо... Боби Алексов (37) од Скопје, 6 години живее во Оденсе, Данска. За себе вели дека...
Македонка која живее во Израел: „На патот кон аеродромот се молев да не нѐ погоди некоја ракета, со ... „Кога започнаа ракетните напади, се сокривме во безбедна соба во нашата зграда. ...
Марија од Кичево живее во Романија: „Животот е поразличен кога имаш море на 10 минути оддалеченост“ „Донесов одлука да ја напуштам Македонија и да заминам во 'која било' држава кој...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg