Весела Богдановиќ од Битола е една од 50-те најдобри учителки во светот: „Избегнувам да давам тестови, на мојот час телефоните се дозволени“

„Ако учениците се среќни ќе бидат активни и фокусирани, а јас ќе бидам смирена, задоволна и со нив и со себе. Тоа е тој круг. Телефоните се добредојдени во нашата училница, не се забранети. Од нив гледаме само позитивен ефект“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Весе Весела Богдановиќ, учителката од битолскиот регион која се најде на листата меѓу 50-те најдобри наставници во светот.

vesela-bogdanovikj-od-bitola-e-edna-od-najdobrite-uchitelki-vo-svetot-izbegnuvam-da-davam-testovi-na-mojot-chas-telefonite-se-dozvoleni-01.jpg

Весе Весела Богдановиќ во 2016-та година беше номинирана за наградата Global Teacher Prize и нејзиното име се најде меѓу 50-те најдобри едукатори во светот, а на социјалните мрежи привлекува внимание со тоа што објавува фотографии и видеа од креативниот начин на кој ја води наставата.

Таа е родена во Битола, каде и денес живее и работи. Образованието го стекнала на Педагошкиот факултет во Битола, каде се стекнала со диплома за воспитувач, а неколку години подоцна станала и дипломиран учител.

Весела, веќе 20 години работи како одделенски наставник во ОУ „Кочо Рацин“ во с. Ивањевци, општина Могила.

vesela-bogdanovikj-od-bitola-e-edna-od-najdobrite-uchitelki-vo-svetot-izbegnuvam-da-davam-testovi-na-mojot-chas-telefonite-se-dozvoleni-08.jpg

Таа е сопруга и мајка на 20-годишен син, автор на низа проекти и работилници од областа на образованието, воспитанието, културата и екологијата.

Добитник на признанието за најдобри едукатори во светот, светски амбасадор за образование, наградувана со признанија за личност и дело на ниво на град, регион и држава.

Автор е на збирката детски бајки „Магични стапчиња шарени лижавчиња“, интерактивната сликовница „Тајната на Сината Самовила“, „Книга на тајните“ креативен прирачник за социјален и емоционален развој и „Чудо од визбата“ - бајковит прирачник за креативно размислување и претприемништво.

Иако некои луѓе можеби се скептични за методите што таа ги користи во образованието, јасно е дека нејзиниот начин на работа дава резултати, а во интервју за CRNOBELO.com Весела се обиде да ни појасни како изгледаат нејзините часови, за тоа со кои предизвици се соочува како наставник и што е она што е дозволено, а што не е на нејзините часови.

vesela-bogdanovikj-od-bitola-e-edna-od-najdobrite-uchitelki-vo-svetot-izbegnuvam-da-davam-testovi-na-mojot-chas-telefonite-se-dozvoleni-02.jpg

Кажете ни прво, од каде љубовта кон професијата наставник – кога одлучивте дека тоа сакате да го работите?

Мајка ми беше наставничка по македонски и српски јазик, секогаш беше среќна со својата професија, со учениците околу себе.

Ја посетував на работа, гледав дека енергијата што ја шират децата дава енергија и радост и така од мала сфатив дека светот на децата е најубавиот свет во кој и јас сакам да функционирам.

Колку ученици имате вообичаено – дали од година во година бројот на ученици расте, или пак, за жал се намалува?

За жал, сè повеќе се намалува. Од чисто одделение со 19 ученици, сега избрав комбинирано со две одделенија само за да имам барем 7 ученици.

Замислете што ќе правев со сегашно чисто одделение, во празна училница.

Трудот за подготовка на креативни идеи за настава за малку или многу деца е ист, ама жално е кога училницата е празна на сета љубов што си ја вложил.

Комбинирана паралелка е дупла и тешка работа и во подготовка и во реализација, но тоа е тоа.

vesela-bogdanovikj-od-bitola-e-edna-od-najdobrite-uchitelki-vo-svetot-izbegnuvam-da-davam-testovi-na-mojot-chas-telefonite-se-dozvoleni-03.jpg

Применувате современи методи во предавањето, не користите тетратки и кај вас учениците не треба да седат мирно – појаснете ни накратко што е она што им е дозволено на учениците за време на час, а што не им е дозволено?

Јас ги применувам еве веќе 20 години. Би ги нарекла проверени, тестирани низ теорија и пракса.

„Чекор по чекор“ методологијата беше првото нешто што ме привлече уште како студент. Таа ме поттикна и ме инспирира да работам и да се развивам како методичар во тој стил.

Така, кај мене никогаш немало ѕвонче, се работи според темпо и интерес на учениците, а интегрирани денови имало од кога знам за себе како учител.

Инаку, првата професија ми е воспитувач. Навиките и искуствата со најмалите ми беа супер основа и никогаш не побегнав од нив, само ги приспособив при работа во одделенска настава.

И кај мене има седење мирно, тогаш кога се воведуваат активностите и се даваат инструкциите.

Инаку, мора да има динамика, да соработуваат, да зборуваат за да се поттикнуваат меѓусебно, да се движат, да ротираат за да се служат со материјалите кои се распоредени во центри.

За да имаме повеќе различни ресурси мора да се работи со центри, инаку никој не може да им обезбеди исти нагледни средства и ресурси за сите ученици во исто време да работат со истото нешто.

На помала возраст имаме повеќе правила, за да се стекнат навики и да ги сфатат обврските. Штом научат да ја почитуваат слободата на учењето низ игра, тогаш позитивниот „хаос“ во нашата училница е уште поголем во позитивна смисла.

vesela-bogdanovikj-od-bitola-e-edna-od-najdobrite-uchitelki-vo-svetot-izbegnuvam-da-davam-testovi-na-mojot-chas-telefonite-se-dozvoleni-04.jpg

Зошто според вас овој метод е подобар од вообичаеното образование од „табла на клупа“?

Сите деца сакаат игра, а наставата од друга страна, таа си бара учење.

Затоа, кога тие две потреби ќе се спојат, не може да има подобро решение.

Со тек на време моите ученици и сами смислуваат идеи за активности кои се функција на учење, токму такви, и веќе имам партнери во креирање на процесот.

Учат кои нивни предлози се само игра и несоодветни, а кои се учење низ игра и ќе им бидат прифатени.

Од друга страна, и децата како и ние возрасните, сакаат промени. Моите знаат да се радуваат и на таблата, обичната, на креда.

Потоа губат интерес за нив и повторно некогаш им се враќа. Работиме и со технологија, со аугментативна и виртуелна реалност, со што ли не.

Јас сум тука да следам, проценувам и внесувам ново или старо. Сè што е промена е добредојдено.

Ако се среќни ќе бидат активни и фокусирани, а јас ќе бидам смирена, задоволна и со нив и со себе. Тоа е тој круг.

Телефоните се добредојдени во нашата училница, не се забранети. Од нив гледаме само позитивен ефект, за истражувања, снимање глас при вежби за изразно читање, самопроверка за математички задачи, па и некој ако ги побара од дома, никогаш не е проблем, имал причина за тоа и бил краток.

Учениците почитуваат договор, не ги злоупотребуваат телефоните.

Вода пиеме во секое време, без прашање, од шишенца, вода си е, потреба е, си ги имаме со нас. Ништо не е чудо, кога си навикнат и така нема злоупотреба на слобода.

Едноставно ја имаш слободата да ја завршиш обврската.

vesela-bogdanovikj-od-bitola-e-edna-od-najdobrite-uchitelki-vo-svetot-izbegnuvam-da-davam-testovi-na-mojot-chas-telefonite-se-dozvoleni-19.jpg

Појаснете ни како оди процесот на испрашување и оценување за време на вашите часови? 

Зависи од возраста и големината на класот. Оценувам практична примена на знаења. Ако дете знае да ми опише план за туристичка посета на убавините на регионот, во улога на туристички водич кој води странски гости, немам потреба да му давам тест на кој ќе одговара прашања колку природни езера има во Македонија (ова како пример).

Преку следење на децата, ние наставниците понекогаш повеќе знаеме за можностите, желбите и способностите на учениците отколку за сопствените деца.

Тестови избегнувам. Под стрес за тест се прават грешки, а најболни се грешките на оној што учи и се труди цело време. Мене ме болат тие грешки.

Жално е што во градот каде има многу ученици, тие се крајно средство кое пресудува за оценка, посебно во предметна настава. Затоа не ги сакам.

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg