Јаков Јозиновиќ во спомен-куќата на Тоше пред скопскиот концерт: „Потсетуваш на него со добрината и харизмата“
- Детали
- четврток, 09 април 2026
„Биди добар човек како што беше Тоше, глас и харизма имаш. Само небото ти е граница“, „Имаш уметничка дарба која отвора срца, како некогаш Тоше. Талентиран си за десетка“, „По Тоше, нашиот Јаков е мелем за душа“, велат фановите на младата хрватска ѕвезда, откако тој објави фотки од Крушево.

Хрватскиот пејач Јаков Јозиновиќ, кој вечерва (09.04) ќе одржи концерт во Скопје, во Македонија дојде неколку дена пред настапот.
Тој си исполни една голема желба - да отиде во Крушево, на гробот на Тоше и во спомен куќата посветена на нашата прерано почината ѕвезда.

Младиот пејач објави неколку фотки од спомен куќата на Тоше, направени пред негови фотографии, а на едната од нив е застанат во иста поза како нашиот ангел.
„Тоше“, напиша тој на Инстаграм и стави емотикон бело срце.

А фановите од целиот регион ја искористија можноста да му кажат дека ги потсетува на нашиот Тоше, не по изгледот, туку по добрината, чистото срце, енергијата на сцена и му посакаа секогаш да остане таков.
„Биди добар човек како што беше Тоше, глас и харизма имаш. Само небото ти е граница“,
„Имаш уметничка дарба која отвора срца, како некогаш Тоше. Талентиран си за десетка“,
„По Тоше, нашиот Јаков е мелем за душа“, се дел од коментарите.
По ова, Јаков замина на ручек во ресторан со традиционална македонска храна, а оттаму објавија фотка со младиот пејач и открија дека тој пробал некои од најубавите специјалитети што ги подготвуваат.
„Најголемата млада Балканска ѕвезда, пред концертот во Скопје, се релаксира во Крушево“, напишаа оттаму.
А. Ј. | Црнобело