„Немаш допир со реалноста“ - Српска инфлуенсерка откри како успева да си дозволи скапа чанта - ги разлути сите
- Детали
- недела, 21 јуни 2026
„Луѓето често ме прашуваат од каде ми се парите за Chanel чанта. Одговорот е во тоа што јадам дома, готвам супа за три дена, подготвувам уште едно јадење за следните три дена“, ја започна својата исповед Леа Станковиќ (25) и ги разлути следбениците.

Српската инфлуенсерка Леа Станковиќ (25) предизвика лавина реакции на социјалните мрежи откако објави видео во кое објаснува како може да си дозволи скапа Chanel чанта.

Леа тврди дека тајната е во тоа што не нарачува достава на храна и оброците ги подготвува дома.

Станковиќ, која на своите профили често објавува фотографии со луксузни предмети и стил на живот, во видеото одговора на прашањето како си дозволува такви работи.
„Луѓето често ме прашуваат од каде ми се парите за Chanel чанта. Одговорот е во тоа што јадам дома, готвам супа за три дена, подготвувам уште едно јадење за следните три дена и не јадам по ресторани ниту нарачувам достава“, изјави таа.

Потоа даде и пресметка колку пари другите трошат на нарачување храна, тврдејќи дека токму тоа ги спречува да купуваат луксузни предмети.

„Знаете ли колку пари луѓето месечно трошат на достава? Просечна нарачка за една личност е околу 17 евра. Ако нарачате два оброка дневно, а никој не јаде само два оброка дневно, тоа е веќе околу 34 евра.
На месечно ниво тоа е околу 1.000 евра, а толку чини една Louis Vuitton чанта. Значи, сите итно треба да почнеме да готвиме дома“, додаде таа.

Снимката брзо се прошири на социјалните мрежи, по што следеа стотици критики.
Многумина коментираа дека инфлуенсерката „нема допир со реалноста“.
