Мапа покажува каде се појавувала отровната „риба-зајак“ во Грција (и каде би можела да се појави летово)
За да се заштитат туристите, на некои места во Грција почнаа да поставуваат и мрежи во близина на брегот.
Едно од местата на кои е поставена мрежа е градот Халкида на островот Евија.
Инсталирањето на мрежата било надгледувано од страна на заменик градоначалникот на градот кој вели дека најважна им е безбедноста на нивните граѓани.
На брегот на Халкида веќе била поставувана ваква мрежа, но за медузи.
„Околу заливот ќе биде поставена мрежа со должина од два и пол километри, за да овозможи безгрижно лето.
Минатата година имавме медузи. Сега имаме проблем со риби, но подготвени сме и за нив“.
Искусен инструктор за нуркање од Халкида откри дека ваква мрежа ќе се постави и во областа на Атина.
„Нуркам повеќе од 40 години и не помислив дека еден ден ќе го правам ова. Морските температури дефинитивно се зголемени и тоа создаде услови за она што го гледаме сега.
Во наредните неколку недели, 7 километри мрежа ќе бидат однесени во областа на Атина. Мислам дека ништо нема да може да ја пробие мрежата, дури ни забите на рибата-зајак. Многу е издржлива“.
Ако ја забележите оваа риба во Грција, немојте да ја вознемирувате и само полека излезете од водата.
Грчкиот Црвен крст апелира дека некогаш рибата може да делува како да стои во место – во ваквите ситуации никако не пробувајте да ја фатите бидејќи сигурно ќе ве нападне.
Никако не пробувајте да храните риби во морето бидејќи нападите обично се случуваат во вакви ситуации.
Ако бидете каснати од риба зајак, исчистете ја раната со чиста вода и сапун. Избегнувајте да користите солена вода бидејќи можете да ја влошите состојбата.
Немојте да ставате кремови или што било на своја рака, туку со чиста газа нежно притиснете ја раната за да го контролирате крвавењето.
Ако раната е сериозна, тогаш држете го екстремитетот кренат, односно над срцето.
Побарајте медицинска помош веднаш.
Секоја повреда предизвикана од риба-зајак бара медицинска нега бидејќи некогаш е потребно шиење, вакцина против тетанус или друг специјализиран третман.
Ако сте на изолирано место, а раната е сериозна и крвавењето не запира, веднаш повикајте помош на грчките броеви за итни случаи – 166 и 112.
Спирова С. | Црнобело