Елена Трпчевска од Скопје: „Бев на одмор во Грција со две мали деца без баба - како поминав, со или без баба е подобро?“
- Детали
- четврток, 03 јули 2025
„И да, не беше лесно. Имаше хаос, логистика до бесвест, плачење, умор… милион ситници кои треба да се спакуваат, понесат, префрлат од дома до плажа и назад. Но, имаше и нешто многу важно: поврзување“, вели Елена Трпчевска Ѓорѓевскa семеен советник од Скопје и мајка на бебе и мало дете. Вие сте за одмор - со или без баба?

Елена Трпчевска Ѓорѓевскa од Скопје, психолог и семеен советник, е мајка на две мали деца, на возраст од 10 месеци и 2,5 години, и сега заедно со нив и со сопругот беше на одмор во Грција.
И додека некои луѓе во ваква ситуација се одлучуваат со себе да земат и баба за помош, Елена и саканиот се одлучиле да отидат сами. Таа неретко споделува детали од својот приватен живот на својот Инстаграм профил.

Таа за CRNOBELO.com го споделува своето мислење на тема одмор со мали деца - со или без баба:
„Како мајка на две мали деца, од кои едното е бебе, и како семеен советник, често се наоѓам помеѓу две реалности: исцрпеноста од секојдневието и потребата за поддршка и помош.
Ова лето со сопругот решивме да одиме на одмор без баба. Само ние: јас, тој и децата.

И да, не беше лесно. Имаше хаос, логистика до бесвест, плачење, умор… милион ситници кои треба да се спакуваат, понесат, префрлат од дома до плажа и назад.
Но, имаше и нешто многу важно: поврзување.

Без баба, моравме целосно да се потпреме еден на друг. Како партнери – да соработуваме. Како родители – да носиме одлуки, да се менуваме, да учиме.

Се создадоа мали ритуали, наши моменти, наши правила. Без надворешен авторитет. Без страв дали ќе ни замери некој. Само ние, како тим.

Но, како професионалец и како ќерка, не можам да не ја спомнам и другата страна.
Присуството на баба носи бројни придобивки – ако постојат здрави граници и добра комуникација.

