Хелена Роза за Зоки Фаци во документарецот: „Девојки го искористуваа за кариера и да се омажат добро - не знам дали му помогнаа на крај“
- Детали
- понеделник, 14 јули 2025
„Го праша докторот: ‘Дали ќе живеам’?, а тој ме погледна мене, ама ме погледна толку жално, што сфатив дека не е океј работата“ - раскажува внукот Виктор во документарецот за Зоки Фаци и се сеќава на еден од последните лекарски прегледи на вујко му пред неговата смрт.

Девет месеци откако новинарот Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, почина од рак, неговиот пријател и соработник Стефан Лазаров, објави документарен филм за неговиот живот.

А таму, Стефан, заедно со внуците на Зоки, Дарко и Виктор, неговата најдобра пријателка Хелена Роза, со Калиопи, и неколку блиски соработници, со многу љубов зборуваат за тоа каков човек бил Фаци.

Откриваат интересни приказни за неговата кариера, приватниот живот, љубовните врски, за луѓето кои беа постојано околу него и го искористуваа за да стекнат слава, но и за болеста, за која велат, не ја сфатил сериозно до пред самиот крај.

Од првата сцена во документарецот, односно интервјуто на кое беше најмногу горд - Тоше Проески снимен на Хвар, преку исечоци од емисијата „Фаци“, до неколку интересни снимки од подкастот „Без Лимит“, кој Зоки го водеше заедно со Стефан - во околу 40 минути се собрани многу интересни и емотивни приказни за човекот кој и денес го носи епитетот „најскандалозниот естраден новинар“ кај нас.

„Зоки не знаеше да биде лош, да биде арогантен, иако беше пис на јазик. Но, тој беше најпозитивната личност во мојот живот.
Ми фалеше и додека беше жив, зашто живеевме многу далеку, ми фали и денес. Секој ден се сеќавам на него, на нашето пријателство кое траеше од времето кога почнавме да работиме заедно во А1 телевизија.
Му се лепеа девојки и го искористуваа за да направат кариера или да се омажат добро. Не знам дали некоја од нив му помогна на крај“ - вели, меѓу другото, Хелена Роза, која му беше најдобра пријателка на Зоки.
