Исповед на Македонка: „Сопругот ми почина кога имав 29 години, имав 2 мали деца, но се изборив како самохран родител“
- Детали
- понеделник, 21 јули 2025
„Да ми кажеше некој дека ќе бидам вдовица пред 30-тата, ќе се насмеев. Но, знаеш каде најчесто наоѓам сила? На гробишта. Да, таму. Меѓу тишината. Меѓу оние што ги сакав и повеќе ги нема“, вели во својата емотивна исповед Марија-Магдалена Петковска Микаровска (40) од Битола и испраќа моќна порака до сите самохрани родители.

Марија-Магдалена Петковска Микаровска (40) од Битола е професор по англиски јазик и основач на платформата „Ministry of Second hand”, каде промовира пронаоѓање на нова љубов во старите парчиња облека.
Таа има совршен моден стил, а знае да каже дека не следи модни правила, туку самата ги создава.
Но, таа е и самохрана мајка, улога која е претешка, но со која одлично се справува.
Марија-Магдалена искрено проговори како го изгубила сопругот кога имала само 29 години, но и како се справила со ситуацијата.
Нејзината емотивна исповед:
„Пред 11 години на мои 29 години кога ќерка ми Хелена имаше 4 ипол години, а Макси само 8 месеци почина Ѓорги, мојот сопруг.
Да ми кажеше некој тогаш дека ќе бидам вдовица пред 30-тата, ќе се насмеев - со онаа несвесна сигурност дека такви работи се случуваат на некои други луѓе.

Но животот не прашува дали сме подготвени.
И денес, кога го изговарам сето ова, не го правам со тага. Тагата веќе одамна си го зема своето и замина. Остана јасноста. Смиреноста. Љубовта кон животот, ваков каков што е непредвидлив. брутален, прекрасен.
Смртта на Горги, а пред тоа и на татко ми, беа нешто што не може да се преживее, а сепак еве ме.

Тие двајца, со своето отсуство, ме натераа да ја откријам мојата фениксова сила.
Сила што не ми дозволува да ги трошам деновите залудно.
Да не се коцкам со љубовта, со шансите, со можностите. Да не се плашам од почетоци.

Силата не ја наоѓам во тагата. Не ја наоѓам ни во бесот.
Ја наоѓам во тивкиот, трезвен момент кога паметот и срцето се сретнуваат и решаваат да продолжат.
И знаеш каде најчесто ја наоѓам таа сила? На гробишта.

Да, таму. Меѓу тишината. Меѓу зборовите што не се кажани. Меѓу оние што ги сакав и повеќе ги нема.
Секогаш си одам од таму со мир. Со некоја нова мисла. Со идеја. Среќна дека сум жива.
И дека тоа не е мала работа.
