„По 48 години брак, моите родители се венчаа во манастир во Македонија - ден кој нема да го заборавиме“
- Детали
- среда, 23 јули 2025
„Знаеш ли колку сум среќна што ќе се венчаме пред вас за да си споделиме убави спомени сите, да се сеќавате ти и сестра ти? Па, и во најубавиот манастир во Македонија. Да сме се венчале пред 48 години, ќе гледавте слики, ама, немаше да ја имате емоцијата“, ми рече мајка ми неколку дена пред црковната венчавка за која мечтаела отсекогаш.

Моите родители се земале кон крајот на 1970-тите, во времето на СФРЈ, кога децата тајно се крштевале, а паровите не се венчавале во црква.
А токму тоа, да си се заколнат на вечна љубов пред Бога, им стоеше како голема желба скоро 50 години.
Откога знам за себе, се сеќавам како велеа дека сакаат да направат црковна венчавка.
Пред неколку години разговаравме тоа да биде на денот на 45-годишницата од нивната свадба, но поради пандемијата, идејата едноставно - пропадна.


И некако тлееше, сè до мај годинава, кога сестра ми им кажа дека - конечно ќе се венчаат во црква. Не можам да ви опишам колку се озари мајка ми кога слушна. Татко ми - подеднакво воодушевен.
„Знаеш ли колку сум среќна што ќе се венчаме сега, кога сте возрасни, за да си споделиме убави спомени сите, да се сеќавате и вие вечно?
Ете, да сме се венчале на денот на свадбата, ќе гледавте слики, ама, немаше да ја имате емоцијата. Стварно сум многу среќна“ - ми рече мајка ми неколку дена пред венчавката.


Како датум го избравме 19 јули, сосема случајно, без некаков повод што нè врзува за нешто.
Имавме 2 месеца за подготовки. Мајка ми си купи розов фустан, за татко се купи костум.
Ни ние, ќерките не останавме покусо - сепак, не се случува секој ден во животот да сведочиш како твоите родители се венчаваат.
Некако на себе и ја презедовме организацијата - сестра ми освен црквата, договори и ручек, па избираше торта, јас бев задолжена за бидермаерот и погачата.


Кумови им беа најдобрите пријатели со кои се дружат преку 45-50 години, старосват - школскиот пријател на татко ми кој им бил старосват и на свадбата во 1977 година, а со кого се и денес многу блиски.
Невестата, иако сега веќе 70-годишна, мора да признаам дека беше збунета од возбуда (ќе ме искара за ова), а младоженецот смирен и сталожен.
Но, во моментот кога влеговме во црквата, ликот на мајка ми се смени, се насмеа и не ја тргна насмевката до крајот на венчавката.


