Јоце Панов за тешкото детство: „Татко ми почина на 49 години, уште памтам како стоев надвор и чекав да дојде брза помош“
- Детали
- вторник, 04 ноември 2025
„Моите родители ме чекале 11 години. Мајка ми останувала бремена, но се случувало нешто поради што ги губела децата. Јас сум осмото дете кое е зачнато, а прво што е родено. После мене се родиле брат ми и сестра ми“ - вели Јоце Панов.

Јоце Панов јавноста го знае како пејач со долга кариера, но тој е и професор по музичко во средно училиште во Скопје, сопруг, посветен татко на синот Лука.
Често знае да каже дека сопругата Марина и детето се неговиот свет, особено откако мајка му почина пред 8 години и тој никогаш не ја преболе нејзината смрт.
Малкумина знаат дека Јоце е најстаро од трите деца во семејството и дека има помал брат и сестра.
Потекнува од убаво ситуирано семејство од Штип, но поголемиот дел од животот го поминува во Скопје.

Сега, во интервју во емисијата „Животна приказна“, тој раскажа многу детали за својот живот и со многу емоции зборува за починатите родители:
„Моите родители ме чекале 11 години. Мајка ми останувала бремена, но се случувало нешто поради што ги губела децата, не знаеле што.
Јас сум осмото дете кое е зачнато, а прво што е родено.
После мене ми родила и брат и сестра. И среќа што сум ваков, што не сум разгален, татко ми беше авторитет.

Татко ми почина ненадејно на 49 години од мозочен удар. И откако се случи тоа, некако животот тргна со варијации.
Мајка ми остана сама со три деца. Брат ми е помал 3 години, но во тој период сестра ми имаше само 9 месеци.
Се сеќавам, ја чекав брзата помош, можеби саат време надвор. Татко ми не беше болен, беше професионален борач.
Си седеше со комшијата најнормално на маса, му се фати едната страна.
И тоа ми е врежано во главата. Точно знам каде стоев во темната улица, дур чекам сам, како се молев на Бога да стасаат побргу, тој е моментот што никогаш нема да го заборавам.
Следното утро околу 4-5 починал. Мислам дека тука детството ми се прекина и сфатив дека треба да сум столб на фамилијата“, раскажува пејачот.

Прочитајте и Љубовната приказна на Јоце Панов и Марина: „Ја забележав на мој настап, ме освои со скромноста и ненаметливоста“
Јоце вели дека биле имотно семејство, но работите се смениле по смртта на татко му. Во тоа време најмногу за нив направила нивната мајка.
„Таа беше посебна жена. Ни по смртта на татко ми не најде човек, работеше двократно на работа, за викенди одеше да чисти станови, куќи за да нè изведе на прав пат.
Таа почина во 2017-та. Во Скопје цел живот бев под кирија и како да чекаше да уплатам за свој стан. Само што го завршив тоа, како да чекаше да ја запросам девојка ми, сега жена... она имаше со шеќерот проблем од сите тие стресови...
Често седеше кај мене во Скопје, по 2-3 недели. И ја однесов во Штип, требаше да се врати во среда, но во вторник вечер брат ми ми јави дека шеќерот ѝ се качил многу, дека ја однеле во болница, ама никому ништо, имаше такви моменти.
Почина на 63 години. Тоа се случи кога јас застанав на нозе и сакав да ѝ овозможам да поужива колку што може, тоа ми е криво што не успеав“, вели тој.

Погледнете го целото интервју:
А. Ј. | Црнобело
