Стевче од Шлегово прави к'цана сол: „Ова не е обичен зачин, туку љубов и семејна традиција“
- Детали
- среда, 06 август 2025
„Јас ја чувам традицијата фамилијарно, кој пробал – знае. Во Шлегово солта се к'ца со непогрешлива прецизност. Основната состојка за овој традиционален зачин е камена или морска сол на која се додаваат различни билки: царевка, пипер, мајчина душица, повечерка, свиндел, босилок, џоџан, везенка, ноктец, мамец“, вели Стевче Доневски (60) од Шлегово за CRNOBELO.com.
фото: Стојанче Величковски
Позната под различни имиња, к'цаната сол не е само обичен зачин, туку и ритуал, семејна тајна и културно наследство.
Во Кратово и Шлегово ја викаат к'цана сол, во Куманово пуцкар, триена во Лесново, во Скопско е биена, во Штип шарена, во Виница еврејска, во Велес толчена, а позната е уште и како бабина, домазетска, ашчиска, тепана, народна...

Но, како и да е, оваа ароматизирана сол се подготвува со посебна техника, која вклучува и љубов од срце и душа.
Во Кратово и во Шлегово, вештината на правење к'цана сол се пренесува низ генерации.
Најпозната е к'цаната сол од Шлегово, надалеку прочуена како шлеговац, која има традиција повеќе од 250 години.

Стевче Доневски (60) е доследен во пренесувањето на традиционалниот начин на правење к'цана сол.
Во неговиот туристички објект „Шанчева куќа“ во Кратово, посебна атракција за посетителите е сами да пробаат да ја направат оваа автентична миродија.

„Јас ја чувам традицијата фамилијарно, кој пробал – знае.
Во Шлегово солта се к'ца со непогрешлива прецизност и мислам дека е редно да почне да се организира традиционална манифестација „Солнијада“, по повод верскиот празник „Света Тројца“.

Стевче објаснува дека основната состојка за овој традиционален зачин е камена или морска сол на која се додаваат различни билки: царевка, пипер, мајчина душица, повечерка, свиндел, босилок, џоџан, везенка, ноктец, мамец...
Сите состојки добро се сушат и се мелат, односно к'цаат.
„За 3 килограми к'цана сол потребни се 6 часа.
Се „к'ца“ рачно во дибек, кој може да е дрвен, од месинг, мермерен или железен со дрвен токмак или железна ќускија.
Тоа е напорна работа, која вклучува к'цање, сеење, подготовка на мешавината билки и на крајот складирање. Солта се чува во тегла или хартиена вреќичка“, вели Доневски.

К'цаната сол е најслатка кога се јаде со топло лепче, но се користи и за ублажување на мирисот кај овчото и козјо сирење, се посипува врз пржен или варен компир и се додава во месо како стар, но моќен зачин.
На пазарите се продава „на чашка“ – уште еден знак дека не се мери во грамови, туку со мера на вкус и љубов.
Во Кратово и Шлегово, како што вели Доневски, има мајстори што се прочуени за правење на најдобрата к'цана сол.

Најпознати се Милка Кондурџиска, Стојка Милева, Драга Јачева, Лепа Љупчева, Благе Бамбус, Благојчо Миревски, Милка Џашикова, Тодора од Табачка, Тане Ивановски, Нада Патетика и Латинка Таскова... И уште многу што ја држат жива оваа традиција, без рецепт, но со мера.

Поради нејзината популарност меѓу луѓето и туристите, мештаните бараат организирање "Солнијада" во Шлегово, како гаранција дека ова мајсторство и традиција нема да згаснат.
Исто така, тие бараат к'цаната сол да биде препознаена и заштитена како нематеријално културно наследство од овој регион.


С. С. | Црнобело / фото: Стојанче Величковски