Симона и Бојан направија свадбена фотосесија во теретана: „Таму се запознавме и сè нè потсетуваше на искрите од порано“
- Детали
- четврток, 28 август 2025
„Сфативме дека сме повеќе од партнери за тренинг – ние сме партнери за живот. Нашата приказна започна во теретаната, но продолжува со „да“ – за цел живот, засекогаш заедно. Правевме свадба во мај и дождот беше присутен целиот ден. Но, ништо не можеше да ни ги расипе моментите на најубавиот ден“ - раскажува Симона Спасовска за CRNOBELO.com.

Симона Митровска, сега Спасовска и Бојан Спасовски, двајцата од околината на Скопје, неодамна го кажаа судбоносното „да“, а за свадбената фотосесија избраа интересна локација.
Додека многумина одбираат да ја направат во природа или во ресторан, тие се одлучиле да се фотографираат на местото каде што се запознале и споиле, односно во теретана.
Освен во фитнес центар, тие направиле неколку фотки и кај Старата железничка станица во Скопје.
За CRNOBELO.com Симона накратко раскажува за нивната љубовна приказна и идејата за свадбената фотосесија:
„Љубовта често се појавува таму каде што најмалку ја очекуваме. За нас, тоа беше во теретаната – место полно со енергија и ритам, кое стана почеток на нашата најубава приказна.
Сè започна со едноставни погледи и насмевки. Од ден на ден, тие мали мигови стануваа сè посилни.

Она што започна како случајно запознавање прерасна во вистинска љубов. Сфативме дека сме повеќе од партнери за тренинг – ние сме партнери за живот.
Денес со гордост велиме дека нашата приказна започна во теретаната, но продолжува со „да“ – за цел живот, засекогаш заедно.

После одреден период од нашето запознавање излеговме, а веќе во август 2024, по 11 месеци врска во преубавата Таормина го кажав моето најдлабоко „да“.

Беше врнежлив ден, кој покасно појави едно јасно и убаво сонце.

Правевме свадба во мај годинава и дождот беше присутен целиот ден. Но, ништо не можеше да ни ги расипе моментите на најубавиот ден. Сакавме да трае и да трае.

Фотосесијата ја направивме на местото каде што првпат се запознавме, во теретаната каде што секоја минута нè потсетуваше на сè од претходно. Направивме фотосесија и кај Стара железничка.


Нашиот меден месец решивме да биде невообичаен и авантуристички, па летнавме до Болоња, од таму се упативме до Палма де Мајорка, продолживме во Валенсија и завршивме во Рим.
Сè ни беше ново, убаво и исполнето со љубов.

Уште неколку фотки од свадбената фотосесија:








©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело