Турчин пронајде утеха во Охрид по разорниот земјотрес во родниот крај: „Ми се сруши зградата, ми загинаа 5 членови од семејството“
- Детали
- петок, 26 септември 2025
„Мојот роден крај беше целосно разурнат во земјотресите во февруари 2023-та. Најболниот дел е што ги изгубив моите двајца мали внуци. Ме извлекоа од под урнатините. Мојот брат беше извлечен на третиот ден и помина шест месеци во болница на закрепнување... Како побарав утеха во Охрид?“, вели Бахадир Арквент (50) oд Хатај, Турција за CRNOBELO.com.

Бахадир Арквент (50) oд Хатај, Турција, е човек кој по разораниот земјотрес во неговото родно место во 2023-та година извесен период засолниште и утеха пронајде во нашиот прекрасен Охрид.
Инаку, Хатај е покраина во јужна Турција. Се наоѓа на брегот на Средоземното Море, граничи со Сирија на југ и исток.
Бројот на жители е над милион и половина.

На 6 февруари 2023, се случи силен земјотрес во овој реон со магнитуда од 7,8 степени според Рихтер.
Земјотресот беше мошне разорен за Хатај, многу згради се срушија, голем број луѓе загинаа, а беше направена и огромна материјална штета.
Имаше и серија потреси, кои дополнително направија штета и страв.

Токму овој хорор го живеел Бахадир Арквент... Тој претрпел огромни загуби и неговиот живот повеќе никогаш нема да биде ист.
Но, среде тоа страдање мала доза утеха нашол во неколку месечниот престој во Охрид.
Сега, Бахдаир повторно е во родниот Хатај, но вели дека животот таму е навистина тежок по земјотресот.

Бахдаир за CRNOBELO.com вели:
„Во моментов не живеам повеќе во Македонија. Поминав околу 45 дена во Охрид во февруари и март.
Сега повторно сум во мојот роден град - Хатај, кој беше целосно разурнат во земјотресите во февруари 2023.
За време на тие земјотреси, зградата во која живеевме се сруши целосно.

За жал, изгубив петмина членови од моето семејство.
Најболниот дел е што ги изгубив моите двајца мали внуци. Нивните мајки, моите снаи, исто така загинаа, заедно со мојата мајка.
Јас бев спасен жив под урнатините.
Мојот брат, кој ја изгуби и сопругата и синот, беше извлечен на третиот ден. Помина шест месеци во болница на закрепнување.

Недели поминав живеејќи на улица. Месеци немав ниту чевли на нозете. Немав телефон.
Невозможно е да се опише со зборови низ што поминав. Нема нешто во универзумот што може да ја олесни оваа болка.
Времето не лечи, само се обидува да ме научи како да живеам со тоа.