Марта (9) од Скопје има хит-видеа на Инстаграм - Ги имитира родителите, глуми свекрва што ја озборува снаата
- Детали
- недела, 05 октомври 2025
„Сама си го смисли серијалот „Бапски муабети“ што мислам дека најдобро ѝ лежи и веќе има сценарија за уште неколку епизоди. Секој ден ѝ текнува по нешто ново. А периките се од ТEMU, сама си ги бира“, вели за CRNOBELO.com, Радица, мајката на малата актерка Марта Конеска.

Марта Конеска (9) е четвртоодделенка која е вљубена во глумата.
Освен што глумела во неколку детски емисии и претстави, од неодамна снима и забавни видеа кои се вистински хит на интернет.
Во дел од нив, Марта зборува за градовите низ Македонија, а во дел, глуми измислени ликови - фитнес инструктор, свекрва која ја озборува снаата, а ги имитира и своите родители.
Марта и мајка ѝ Радица
За нејзината љубов кон актерството, но и кој ги смислува сценаријата за видеата, и каде го наоѓаат периките што ги користи таа, ни раскажа нејзината мајка Радица за CRNOBELO.com:
„Кај Марта уште од најмала возраст се јави интересот за актерството.
Некаде на околу 3 години почна да нè имитира по дома и да имитира сцени од филмови или детски емисии.
Најголем поттик ѝ даваше учителката во градинка која и беше главен „виновник“ за Марта да почне да оди на часови по актерска игра.

Некаде околу 5-тата година почна да посетува часови по актерска игра и навистина беше возбудена после секој час.
Има учествувано во неколку театарски претстави, забавни настани, настани од едукативен карактер и детски ТВ-емисии од каде што и најчесто децата ја препознаваат, што за неа претставува задоволство и поттик за да учи повеќе техники од актерството што ќе ѝ донесат поголем успех.

Што се однесува околу нејзиниот Инстаграм профил, го создадовме многу спонтано (буквално преку ноќ) иако долго време се мислевме да ѝ направиме профил на некоја социјална мрежа.
Па, така, одлуката падна прво на Инстаграм па на Јутјуб каде што ги споделуваме забавните видеа и видеата од посета на градовите низ Македонија.

Текстовите за видеата со градовите најчесто и ги пишувам јас, а за забавните видеа иницијатор е она, па дури и сама си прави сценарија, сама си доделува улоги и навистина е забавно.
Некогаш се случува на снимање да одиме и без научено сценарио, но само 2-3 пати да го прочита - спремна е за акција.

Сама си го смисли серијалот „Бапски муабети“ што мислам дека најдобро ѝ лежи и веќе има сценарија за уште неколку епизоди.
Секој ден ѝ текнува по нешто ново.
Секое снимање ѝ преставува задоволство, што би рекла таа ‘уживам додека глумам’ и најсреќна е кога добива позитивни коментари од минувачи додека снимаме.

Реквизитите и периките за забавните видеа ни се од TEMU, се разбира ха-ха, и тие сама си ги одбира.

Сон и желба ѝ е да биде позната глумица, па дури и во Холивуд, каде што ние како родители ќе се потрудиме да ѝ дадеме максимална поддршка во остварување на нејзиниот сон“.
