CRNOBELO анкета: Што би направиле скопјани кога би биле избрани за градоначалници на главниот град?
- Детали
- понеделник, 13 октомври 2025
„Би ги срушил сите дивоградби кои го блокираат градот, би вратил дел од зеленилото кое е уништено и би ги тргнал сите коли од тротоарите, макар тие биле и на највисоки функционери или странски претставници“ - вели во нашата анкета скопјанецот Али.

Никој не го сака Скопје повеќе од скопјани, оние кои се родени тука, оние кои се втора, трета генерација жители во градот.
Тоа се и луѓето кои го знаат Скопје поинакво од она што е денес - со помалку сообраќај, со повеќе куќи отколку згради, со многу зеленило.
CRNOBELO.com направи анкета, па преку Фејсбук ги прашавме „Што би направиле или смениле во главниот град, кога би биле градоначалник на Скопје?“
Во продолжение, дел од нивните одговори:
Али Касум
„Би ги срушил сите дивоградби кои го блокираат градот.
Би вратил дел од зеленилото кое е уништено.
Би ги тргнал сите коли од тротоари, макар тие биле и на највисоки функционери или странски претставници“.

Маја Миленковска
„Систематизација на работни места во општините, отказ на сите вработени, вработување според образование (предност на веќе постоечкиот кадар) - сите кои не ги исполнуваат работните позиции чао-адиос. После е сè полесно!“

Ена Китановска
„Би го предложила следново, доколку би имала можност - би направила систем на наградување на докторите по ветерина според учинок-кастрација или операција на улично животно, каде истите би биле стимулирани од буџетот и би добиле надомест за учинокот, материјалите искористени за операцијата, јавно заблагодарување и помагање на ветеринарната амбуланта како награда за општокорисната работа и нивната хуманост.
Луѓето би се охрабриле повеќе да ги помагаат уличните животни затоа што би знаеле дека нивното санирање би било бесплатно, а самите доктори помогнати од државата за нивното дело.
Мислам дека ова е одржлив и рационален начин на распределба на веќе постоечките средства во општ бенефит без никаква загуба по никој, а промената би била огромна!
На истиот начин би ги стимулирала и државните кујни по основните школи низ градот, па и земјата, дневно да приготвуваат пример плус десет оброка, кои би биле распределени на лицата од социјално загрозените категории, каде готвачите би земале поголема плата за прекувремен труд, награда за својата хуманост итн.
Мислам дека со добра организација може да се направи многу голема разлика во нашето опкружување и да се остави здрав пример како се сакаат луѓето, животните и општеството, дека никој не е сам и дека има некој кој е тука да подаде рака“.
