Што би направиле познатите Македонци кога би биле градоначалници на Скопје?
- Детали
- понеделник, 06 октомври 2025
„Тротоарите би ги вратила на пешаците, а за автомобилите - катни гаражи. Редовно чистење на шахтите, зашто кога врне не можеме да излеземе пешки - сè е поплавено“ - се дел од работите кои би ги направила Катарина Ивановска кога би била градоначалник на Скопје.

Скопје од поодамна е град со загаден воздух, сообраќаен метеж, ѓубре расфрлано по улиците, а ни ноќниот живот не е тоа што беше пред само неколку години.
И некако, шетајќи низ градот, често имаме впечаток дека негативните работи ги надминуваат позитивните, оние кои го прават Скопје убаво, сакано, град со носталгија, историја, шарм, град кој шири позитива и убава слика во светот.
Затоа, направивме анкета со неколку јавни личности од Македонија, кои се родени или долго време живеат во Скопје.
Фото: depositphotos.com
Ги прашавме „Што би промениле или направиле во Скопје, ако ве изберат за градоначалник?“, и скоро сите се сложија дека прво би се справиле со ѓубрето низ градот.
Во анкетата, која нема политичка нота, туку е само мислење од луѓето кои си го сакаат градот, добивме интересни одговори.
Прочитајте што би направиле за својот град Тамара Тодевска, Драган Спасов Дац, Снеже Велков, Катарина Ивановска, Кристина Арнаудова, Татјана Стојановска и Перо Антиќ:
Кристина Арнаудова
„Да одберам само три нешта кои би ги направила само по себе е тешко, бидејќи Скопје е град кој моментално се соочува со сто проблеми.
Сепак, на прво место ќе биде справување со ѓубрето, депониите и загадувањето.
Имам впечаток дека никој реално не сака да се справи со проблемите, и освен во предизборни кампањи, нивните дела и лица ретко и ги гледаме.
Големи казни за непрописно одлагање ѓубре и кршење на јавниот инвентар како клупи, канти, столбови, кои ќе се извршуваат веднаш на лице место (контејнери, фрлање отпушоци, депонии, палење депонии…).
Зголемување на буџетот за јавните претпријатија за хигиена и транспорт и целиот фокус ќе биде насочен таму.
Секоја зграда или деловен простор, куќа треба да има обврска да се грижи за уредување на просторот пред нив, и да постои стандард за тоа како треба да изгледа, во спротивно тоа да го направи градот, а фактура да се достави на лицето кое не го извршило тоа, како што е пракса во сите земји кои ги нарекуваме убави, чисти и развиени.
Имам уште многу точки, ама ете, среќа нема да се кандидирам. А овие точки којзнае дали некој некогаш ќе ги оствари. Надежта последна умира“.

Драган Спасов - Дац
„Јас за ништо на светот не би сакал да бидам градоначалник, но можам да дадам предлози кои по мене се битни за градот.
Значи покрај чистотата, загаденоста, како на градот така и на самите луѓе кои го прават тоа, еве мои три предлози за идниот градоначалник на Скопје.
Да се исчисти Вардар, комплетно со најстрога контрола на сè што влегува во него, да се прошири и продлабочи коритото на некои места да може да се капе во него, да се направат плажи со сите нишани.
Скопјани да можат да го користат за разладување во жешките летни денови. Добиваме чиста река и уживање.
Да се воведат големи казни за тие што даваат на просјаците (меѓу нив сум и јас), да добро напишав.
Да се казнуваат тие што даваат по семафори, плоштади и мостови на просјаците. Мислам дека само така ќе може да се искорени просјачењето во кое најмногу страдаат малолетни деца.
Да се забранат запрежни коли со коњи во урбаните средини. Ги малтретираат коњите и го кочат сообраќајот.
Казните да бидат одземање на животното кое ќе се подари на зоолошката градина“.

Катарина Ивановска
„Ништо не се гради за три дена, а се руши во еден миг. На прашањето што би сменила, јас би прашала колку време би имала на оваа позиција?!
Повеќе зелени површини, детски игралишта, велосипедски патеки. Тротоарите би ги вратила на пешаците, а за автомобилите - катни гаражи.
Ние сме нација која е навикната да се паркира секогаш пред влез на ресторан, продавница и слично.
Како градоначалник, би им овозможила на сите училишта, со помош од општините - обезбедување во училиштата, а не тоа да го плаќаат родителите.
Градот Скопје нема јавен отворен базен, а сите знаеме колку е топло за време на летниот распуст.
Повеќе канти за отпадоци, во секое маало и во градскиот парк.
Би отворила центри за едукација за млади од секаков вид, каде што можат да побараат помош но и да научат.
Редовно чистење на шахтите, планско градење зошто во Скопје кога врне не можеме да излеземе пешки. Сè е поплавено“.

