Ирена, мајка на 3 деца, од кои едно со аутизам: „Син ми ми кажа: ‘Јас не сум аутистичен. Јас сум нормален’“
- Детали
- петок, 03 април 2026
„Денес Кан ми рече: „Јас не сум аутистичен. Јас сум нормален“. И не го поправив, само го прашав...што значи „нормално“, му дадов неколку примери за однесувања…“, ја започнува својата емотивна објава една инспиративна мајка која живее во Скопје и се бори за правата на децата со нетипичен развој.

Ирена Лозана е инспиративна жена која верува дека секој кој од неговото дете ќе успее да направи добар човек, зад себе остава ремек дело.

Tаа живее во Скопје и е мајка на 3 деца.
На нејзиниот син Кан му е дијагностициран аутизам, а нејзина цел е борбата за правата на децата со нетипичен развој и олеснување на патот на нивните родители.

Вчера, 2 Април, на Светскиот ден на аутизмот, Ирена напиша:
„Денес не сум на телевизија, не сум на настан, не организирам ништо.
Денес сум дома, со моето дете, со реални ситуации и разговори што не се за на сцена.

Денес Кан ми рече:
„Јас не сум аутистичен. Јас сум нормален“.
И не го поправив, само го прашав... што значи „нормално“, му дадов неколку примери за однесувања… и застанавме тука, тој самиот застана.

Без притисок и без етикети... бидејќи најмногу од сè, на нашите деца им треба да се чувствуваат безбедно, да бидат видени, да знаат дека се доволни такви какви што се.
Инклузијата не е само настан или збор... таа е какви сме дома, начинот на кој слушаме, колку простор даваме.

Денес бирам тивка инклузија... реална, онаква каква што е секој ден.
И посакувам повеќе простор за секое дете да биде тоа што е, и секој родител да ја има силата да биде спокоен и присутен доволно за да може детето да го доживее тој спокој“.
С. С. | Црнобело
