Каролина пие кафе од навика, Васил Гарванлиев се буди со дупло еспресо во 5 - Кафе-ритуали на познатите Македонци
Каролина Гочева пие кафе од навика
Никогаш не станав некој љубител на кафе, иако со години денот го започнувам со најобично нес со млеко.
Но, мислам дека тоа ми е повеќе ритуал отколку некакво посебно уживање.
Неколку пати годишно, кога сум уморна, а ми треба брзо рестартирање, знам да нарачам еспресо и скоро секогаш си ја оправдува намената.
Морам да кажам и дека имам неколку блиски кои се фанатични љубители на кафе (како што налагаат моменталните трендови во Скопје) и имале неколку обиди да ме „заразат“, но безуспешно.
Дури еднаш ги усрамив и со кафето си побарав и шеќер.

Васил Гарванлиев почнува со дупло еспресо во 5 наутро
Секое утро ми започнува со дупло еспресо. Помеѓу 4:45-5:05 Езми и Тина, кучињата, ме будат за доручок и тоалет, па со пола отворено око си правам кафе и назад во кревет.
Ги играм игрите на NY Тimes со првото кафе, па правам второ и сум спремен да кажам „Добро утроооо“. А пред тоа темата е „Не ми се обраќај“.
Многу често, после теретана, си правам трето кафе - еспресо.
Како и да е пијам кафе до 13:30 најкасно.
Кога сум дома во Македонија, ритуалот е мало макијато со пола шеќер.
Кога патувам - ладно еспресо со едно шеќерче и многу малку млеко.
Интересен факт е дека можам да испијам дупло еспресо, да си легнам и заспијам без проблем.

Инфлуенсерката Сандра Кирков обожава горчливо кафе
Омилено ми е турското кафе без шеќер, а во просек пијам 3 кафиња на ден.
Кафето повеќе сакам да го пијам дома отколку во кафуле и го сакам горчливо.
Првото кафе скоро секогаш го пијам дома, пред да излезам, и поубаво ми е кога ќе го направам сама отколку кога ќе ми го свари друг.
За среќа, никогаш не ми создава несоница.

