„Ти си она што го сакам бејбе“ - Виртуелни графити со македонски песни низ Скопје, се хит на Инстаграм
- Детали
- вторник, 25 ноември 2025
„Идејата за графитите ми дојде спонтано, за некако да ја оживееме македонската музика од старите добри времиња, но да ги поддржиме и новите македонски музички артисти“, вели Тина Мицковска за CRNOBELO.com.

Тина Мицковска, вработена во ЗОО Скопје, но и наш познат диџеј, е голем љубител на домашната музика.
Таа секогаш се залага македонските песни да се слушаат меѓу младите, постарите хитови да не се заборават, особено музиката од таканаречените „златни времиња“ од крајот на 1990-те и почетокот на 2000-те.
Поттикната од ова, таа на својот Инстаграм профил сподели виртуелни музички графити, со стихови од песни од Ребека, XXL, Кате и „Нели ти реков“ и други.

За својата идеја, таа раскажа за CRNOBELO.com:
„Идејата за графитите ми дојде спонтано, за некако да ја оживееме македонската музика од старите добри времиња, но да ги поддржиме и новите македонски музички артисти.
Како диџеј тоа го правам на секоја забава, но со оглед на моќта на социјалните мрежи, овој креативен начин преку графити и песна мислам дека е полн погодок.

Се надевам дека во иднина низ Скопје ќе може да обезбедиме и вистински реални катчиња каде што ќе може околината да ја разубават ваков вид на графити и мурали со текстови од македонски песни, а ќе може да вклучиме и млади улични уметници кои ќе ги нацртаат.
Секако, во рамки на целиот проект ќе продолжам со забави кои ја промовираат македонската музика на коишто ќе гостуваат и македонски изведувачи, а преку графитите сите ќе може да се информираат каде ќе биде следната забава.
Дотогаш секако продолжувам со креативните видеа со графити и песни“.

Погледнете ги виртуелните графити на Тина:




©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело