„Отиде на забава, те вратија во ковчег – сега ти палиме свеќи“ – Емотивно писмо од мајката на Ивона што загина во Кочани

„Денес, ќерко моја… повторно ќе дојдеме кај тебе. Денес правиме помен – една година без тебе. Една година како дишеме, а не живееме. Нели се договоривме поинаку? Прво на твојата дипломска… па на свадба…Ти отиде на забава… насмеана, дотерана, среќна… А тебе ни те вратија… во ковчег“ - пишува Стојка, мајката на Ивона која пред 1 година загина во Кочани. 

otide-na-zabava-te-vratija-vo-kovcheg-sega-ti-palime-svekji-emotivno-pismo-od-majkata-na-ivona-shto-zagina-vo-kochani-01.jpg

Стојка Иванова Антова е една од мајките која по кобниот 16-ти март и трагедијата која се случи во дискотеката Пулс во Кочани, остана без своето чедо, како и многу други родители по несреќата во која згаснаа 63 животи.

Сега, на 15-ти март, една година по трагедијата, таа објави емотивно писмо до својата ќерка на денот кога ѝ правеле помен.

Таа постојано споделува емотивни текстови и писма до својата ќерка, а ова е едно од најтрогателните.

Прочитајте го писмото кое таа го објави на Фејсбук во продолжение:

Денес, ќерко моја… повторно ќе дојдеме кај тебе.

Но овој пат нема да бидеме само ние.

Ќе дојдат и роднини, пријатели, другари, комшии…

Сите што те сакаа, сите што те паметат.

А кажи ми чедо…

зарем таму требаше да се собираме?

Нели се договоривме поинаку?

Прво на твојата дипломска…

па на свадба…

па да се радуваме на твојот живот.

А наместо тоа…

за само неколку минути во тоа проклето диско

ни го скршија животот засекогаш.

Ти отиде на забава…

насмеана, дотерана, среќна…

полна со живот и планови.

А тебе ни те вратија…

во ковчег.

Кажи ми чедо…

како мајка да продолжи да живее после тоа?

Знаеш ли колку ни е тешко, чедо мое?

Секој ден без тебе е се потежок.

Премногу недостасуваш.

Ние веќе не сме ние без тебе.

Како мајка да оди на гробот

на своето единствено дете?

Зарем не требаше да биде обратно?

Ти да ни палиш свеќи нам…

а не ние на тебе.

Ти требаше да живееш.

А ние, ако требаше, да бевме на твоето место…

па ти да ни доаѓаш.

Ти требаше да живееш.

Да се радуваш.

Да создадеш семејство.

Да ја живееш младоста.

А ние…

ако требаше…

ќе го дадевме и животот

само ти да останеше жива.

Денес правиме помен – една година без тебе.

Една година како дишеме, а не живееме.

Ни сама не знам како сум сè уште жива…

како постојам на овој свет без тебе.

Ова не е живот, ова е мачење.

Година во која дишеме…

но не живееме.

Година полна со солзи, празнина и болка

која не може да се опише со зборови.

Ни сама не знам како сеуште постојам на овој свет.

Бидејќи живот без тебе – не е живот.

Од зрно грашок те растевме.

Со љубов, со мака, со жртви.

Колку ноќи непреспиени…

колку грижи…

колку труд.

Само да пораснеш во човек.

И порасна.

Во прекрасна, добра, воспитана душа.

Во дете што помага на сите.

Во дете што никогаш не одминува човек без „добар ден“.

Во другар каков ретко се раѓа.

И токму такво дете…

ни го убија.

Ни го зедоа најмилото.

Ни го зедоа целиот живот.

Но слушни ме чедо мое…

Нема да се откажеме.

Ќе се бориме до последниот здив

за правдата.

Секој што има вина за твоето убиство ќе одговара пред законот.

Нека немаат мир ни спокој –

како што ние немаме откако те нема

Секој што мисли дека ќе се сокрие од вистината –

се лаже.

Правдата ќе излезе на виделина.

За тебе.

За сите невини деца.

А ти, ангелу на мајка…

почивај во мир.

Нека Бог ти ги отвори царските порти

и нека те чува меѓу ангелите.

Недостасуваш секоја секунда.

Недостасуваш со секој здив.

Наше најмило,

наша гордост,

наша болка засекогаш.

Недостасуваш бескрајно,

Ивонче наше… 

M. M. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ивона Јо на настап ѝ пее на мајка си и се топи од емоција: „Како стареам сѐ повеќе потсетувам на неа... „Горда сум што одгледав толку благородно, чувствително и светло човечко суштеств...
Мајката на Ивона која загина во Кочани објави снимки од неа од настапот на ДНК: „Ги гледам последнит... „Последните видеа… последните мигови кога моето дете и другите ангелчиња уште ја...
Тамара ја изгуби косата во пожарот во Кочани: „Кога се вратив од болница изгледот ми беше променет, ... Тамара од Кочани, за CRNOBELO.com искрено вели: „По пожарот ја изгубив косата, и...
Тони Зен доби ќерка, Ивона Јо го загуби таткото - По што ќе ја памтат познатите Македонци 2025? „Мислам дека ќе биде тешко за било кој од нас годинава да ја запамти по нешто др...
Раскошната моминска забава на Јована од Свети Николе - со тема бисери и шампањ во вила во Охрид (фот... „Уште на пат до Охрид имавме персонализирани шишенца вода, а кога пристигнавме с...
Слаткар на концерт во Банско се дружеше со Јован, кој спаси 20 деца во Кочани: „Со херојот“ Ова не е прва средба на Слаткар и Јован. Кога пред неколку месеци пееше во клуб ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg