Анета Апостолоска: „Славата ја наследив од моите родители и верувам дека Св. Никола прави чуда“
- Детали
- петок, 19 декември 2025
„Трпезата може да биде богата и скромна, може да имаме гости, но може и самото семејство да си слави, најважно е да го дочекаме празникот со чисто срце, добра мисла и да се помолиме за здравје на сите, па и на нас“, вели Анета Апостолоска од Скопје.

Анета (Ане) Апостолоска од Скопје, која по професија e дипломиран професор по одделенска настава на македонски јазик, a работи како административен службеник во Град Скопје, секоја година со семејството ја слави славата Св. Никола, која ја наследила од нејзините родители.
Таа покрај совршената трпеза, за славата сака да има и совршено накитен дом, поради и легендата дека Св. Никола всушност е Дедо Мраз.
Анета за CRNOBELO.com споделува како го празнува овој ден со семејството:
„Св. Никола има посебна магија. Сите празници си имаат свое значење, но за нас и нашиот дом Св. Никола е посебен, бидејќи освен што го празнуваме, веруваме дека прави чуда и невозможното го прави возможно.

Тој е заштитник на децата, домот, сиромашните, како и патниците кои решиле да патуваат некаде, особено оние кои пловат по морињата.

Ова е една од најчестите слави во македонските домови.
Па, така и во мојот случај моите родители ја слават од колено на колено.

Ние го славиме денот 19-ти декември, а родителите на мојот сопруг исто така со преземање на славата од прадедо, го слават заслугот односно 18-ти декември.

Секогаш се поставува посна вечера, која се подготвува неколку дена однапред.

Посебно се познати посните Св. Николски сармички за кои е потребно повеќе време, бидејќи ги правиме многу мали.

Тука е и традиционалното македонското гравче тавче, риба, како и посна баклава, а најважна е погачата и пченицата, кои го одбележуваат празникот.
