Ангела од Скопје со силна порака за мајките кои мислат дека не прават доволно: „Ако нахрани, прегрна, смири - правиш повеќе од што мислиш“
- Детали
- среда, 14 јануари 2026
„Ајде да го преброиме тоа невидливото што го правиш, а што не го гледаш… ако нахрани, утеши, прегрна, смири, насмеа… ти направи повеќе отколку што мислиш. Не секој ден мора да изгледа продуктивно. Некои денови се само за преживување - и тоа е доволно“ - пишува Ангела, која сака да испрати порака со поддршка до сите мајки.

Ангела Костовска од Скопје, која по професија е економист, но и горда мајка на две мали деца, преку својот Инстаграм често споделува свои искуства, но и разменува совети со другите мајки од Македонија.
За себе вели дека е мајка „со полно работно време“, за децата често подготвува забавни игри и активности, им готви, поминува време со нив.
Па и покрај сето време што им го посветува на децата и грижата за нив, понекогаш има чувство дека тоа што го прави за нив не е доволно.
Овој пат Ангела испрати порака до мајките дека треба да ги гледаат и „невидливите“ работи и дека не треба да се сомневаат во себе.

Во својата искрена порака вели:
„Некои денови се чувствувам како да не сум направила ништо. Вака некако после празниците. И доаѓаат овие мисли.
Па си седнав утрово си запишав што сè сум направила вчера, па претходната недела, а да не зборам за декември и претходната година. И бев ‘wow, ова заслужува да се подели’.
А вистината е ова: Ајде да го преброиме тоа невидливото што го правиш, а што не го гледаш… ако нахрани, утеши, прегрна, смири, насмеа… ти направи повеќе отколку што мислиш. Не секој ден мора да изгледа продуктивно.
Некои денови се само за преживување - и тоа е доволно.
Ова е потсетник за сите мајки што се сомневаат во себе денес, почнувајќи од мене!“, напиша Ангела.

Таа својата листа со позитивни примери им ја посвети на сите мајки кои се со мали деца и кои (понекогаш) се прашуваат дали направиле доволно за себе и децата.
Па на фотографиите, таа, пишува:
„За мајките кои си го кажуваат ова: Не направив доволно вчера, неделава, месецов, претходнава година...
Се погрижи да ја направиш листата со здрави намирници, да ги испланираш сите оброци и ужини и да ги зготвиш секој ден и да направиш моменти за поврзување и добар однос со храната што го градат.
Најде време и енергија да излезете надвор, да потрчаат и ти да се раздвижиш иако имаше милион работи на ум што треба да ги направиш.
Му помогна на твоето дете да се носи со големи емоции, додека и самата се регулираше.
Доеше или го хранеше твоето 1800+ часа, што е еквивалентно на уште една full time работа.
Им пружи грижа на сите кога беа болни, дури и кога и ти самата беше болна. Зошто нема за мајките денови за боледување.

Ти беше безбедно место за твоите деца, дури и во деновите кога беше вака ‘заробена’ со вечери и не можеше ништо друго да правиш.
Остана трпелива и му даде простор на твоето дете да пробува, греши и учи. Да биде покрај тебе иако, сама, 3 пати побрзо ќе ја завршеше работата.
Направи магични моменти со обични работи и му помогна на твоето детенце да учи преку игра.
Направи 1000+ брзи, лесни игри за да може твоето дете да учи преку игра, да се поврзе со тебе, но и за ти да ‘одмориш’ барем за кратко во денот.
Направи нешто за првпат со своите деца и гледаше како им сјаат очињата.
Мајчинството е буквално најубавата и најтешката работа која ја имаме и би ја менувала за ништо. Но, треба само мал потсетник колку многу правиме и кога мислиме дека ништо не правиме“.

Погледнете ја објавата на Ангела:
А. Ј. | Црнобело
