Новогодишна магија на Детската клиника во Скопје - Дедо Мраз дојде со хеликоптер, Спајдермен делеше подароци
- Детали
- вторник, 23 декември 2025
„Дедо Мраз, заедно со омилените јунаци од детските филмови, донесе насмевки и новогодишни пакетчиња за децата хоспитализирани на Клиниката за детски болести. За децата - момент на магија. За нас - потсетник зошто постоиме“ - напишаа од Црвениот крст, откако дојдоа да ги израдуваат болните дечиња.

Празниците се најубавото време во годината, а магијата на овие новогодишни празници вчера ја почувствуваа и дечињата кои се лекуваат на Детската клиника во Скопје.
Традиционално за овој период од годината, нив ги посетија Дедо Мраз, неколку принцези и суперхерои, односно волонтерите од Црвениот крст Скопје, кои осма година по ред ја организираат оваа празнична забава за најмладите и им измамија насмевка.

Оваа година, Дедо Мраз слета со хеликоптер, а Спајдермен им делеше пакетчиња.
Тука беа и Снежана, Елса и Ана, Венсдеј, Мики Маус и сите заедно им го направија денот на болните дечиња многу поубав.

„Денес Детската клиника беше повеќе од болница - беше место на храброст, надеж и насмевки. Суперхероите се спуштија од височините, со јажиња, со срце, со подароци и донесоа радост таму каде што најмногу треба.
Тимот за спасување на планина од Тимот за одговор при катастрофи на Црвениот крст на град Скопје, волонтерите, професионалците, МВР и Хеликоптерската единица, уште еднаш покажа дека хуманоста нема граници.
За децата - момент на магија. За нас - потсетник зошто постоиме. Насмевките победија“ - пишува во објавата на Црвениот Крст на Фејсбук.

Фотографии од дружењето на децата со Дедо Мраз и суперхероите објавија и од Детската клиника.
„Новогодишна магија на Детската клиника. Дедо Мраз, заедно со омилените јунаци од детските филмови, донесе насмевки и новогодишни пакетчиња за децата хоспитализирани на Клиниката за детски болести.
Акцијата е дел од традиционалната иницијатива на Црвениот крст на Град Скопје, реализирана во соработка со Секторот за полициски работи и Воздухопловната единица на МВР“, напишаа оттаму.

Оваа иницијатива беше поздравена со многу позитивни коментари во јавноста, кои велат дека на овој начин секојдневието на децата на Клиниката е многу поубаво и позабавно, па за момент и тие и нивните родители забораваат на грижите.
Погледнете повеќе фотографии:







А. Ј. | Црнобело