Дедо Киро го прослави својот 91-ви роденден - има 4 синови, бил дел од Титовата гарда
- Детали
- среда, 08 април 2026
Дедо Киро од кривопаланечко служел воен рок во ЈНА, каде што бил дел од Титовата гарда, се истакнал со дисциплина и посветеност, а бил одликуван со медал за одличен стрелец. Денес, тој е горд татко на 4 синови, кои ги добил со саканата Добрила, која починала на 57-годишна возраст во 1994 година.

На социјалните мрежи осамнаа фотографии од 91-ви роденден на човек од Македонија и моравме да истражиме за кого станува збор и која е тајната на долговечноста на овој човек... Каков живот води, што го радувало во текот на годините?

И дознавме! Дедо Киро Ристовски е роден на 2 април 1935 година во селото Дурачка Река, Крива Паланка.
Потекнува од големо семејство и израснал со уште три браќа и две сестри.

Уште од млади години бил воспитуван во духот на трудољубивост, чесност и почит кон семејните вредности.
Во 1958 година стапил во брак со својата сопруга Добрила (1937–1994), со која создале семејство и добиле четири синови.

Во периодот од 1955 до 1957 година служел воен рок во ЈНА, каде што бил дел од Титовата гарда.
За време на службата се истакнал со дисциплина и посветеност, при што бил пофалуван, неказнуван и одликуван со медал за одличен стрелец.

По завршувањето на воениот рок, Киро се посветил на работата и семејството. Работел како мајстор во Пелагонија повеќе години, поседувајќи диплома од шеста класа, што сведочи за неговата стручност и умешност.
Во 1986 година станал пензионер, по долгогодишен труд и посветеност.
Подоцна како пензионер, се занимавал и со земјоделие, каде што неговата работливост и упорност уште повеќе доаѓале до израз.

Киро е познат како вреден и работлив човек, кој секогаш бил посветен на својата работа и блиските. Неговата добрина, искреност и човечност го прават почитуван меѓу луѓето.
Како човек со долг животен век, неговите „тајни за долговечноста“ лежат во умерениот начин на живот, постојаната физичка активност преку работа и позитивниот однос кон луѓето и животот, оставајќи силна трага и инспирација за идните генерации.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
