Дарио од Битола ја запроси Мишела на -28°С на Пелистер: „Организирал сè од Германија - ме воодушеви“
- Детали
- понеделник, 05 јануари 2026
„Бев шокирана кога ми рече дека ме сака и сака да го помине остатокот од животот со мене и искрено, не слушнав ништо повеќе. Се изненадив кога клекна и го извади најубавиот прстен што сум го видела некогаш. Не можев да кажам ни збор додека гледав во неговите очи полни со исчекување“ - вели Мишела од Битола за запросувањето на Пелистер.

Мишела Панајотова (24) и Дарио Петровски (27) од Битола веќе некое време живеат во Германија, а се свршија на 1 јануари на Пелистер, веднаш откако со група планинари го дочекаа првото изгрејсонце во годината на планина.
На -28°С, Дарио клекна на колено и ја изненади Мишела со најубавиот прстен што го видела во животот, а од возбуда и изненадување, таа не можела да изусти да, туку кимнала со главата и му ја подала раката.
Запросувањето ги изненадило и родителите на парот, но Мишела вели дека целото семејство ја поделило нивната среќа.
За CRNOBELO.com, таа откри што се случувало на Пелистер, но и како Дарио успеал да организира сè од Германија, без таа да се посомнева во ништо:
„Потекнувам од Битола, родена сум во Вараждин, Хрватска, а на мала возраст преселена со мојата фамилија и порасната во Англија. Во моментов сум на магистерски студии, Когнитивни системи по Психологија, во Улм, Германија.
Дарио, пак е роден и пораснат во Битола. Тој е дипломиран професор по спорт и здравје на ДИФ во Скопје. Игра ракомет од 13-годишна возраст, 5 години веќе во странство, а моментален клуб му е ТГ Ландшут од градот Ландшут.

Во врска сме малку повеќе од година.
Иако имаме интересна случка на запознавање која сакаме да ја задржима за потесниот круг на пријатели и роднини за истата да ја искористиме како шега на наша сметка, можам да ви кажам дека се запознавме во нашата Битола минатото лето и беше урнебесна, неверојатна случајност и коинциденција нашите енергии да се спојат и да прераснат во нешто повеќе од само обично пријателство.
Иако не беше првпат да се качуваме на антена, за двајцата беше првпат да се качуваме за ‘Први на први’.
Идејата беше на Дарио… Качувањето беше неверојатно предизвикувачко, дури и за искусни планинари, поради температурата од -28°С и ветер од 50km/h, што бараше сериозна отпорност.
Но никогаш не мислевме да се откажеме, размислувавме само на нашата цел - погледот на првото изгрејсонце од врвот на Пелистер.

Со него веќе зборувавме за брак, но во иднина, па не очекував да ме запроси на ‘Први на први’.
Запросувањето беше феноменално. Се подготвувавме за групна фотографија, бидејќи сум прилично висока, стоев поназад, но Дарио одеше кон центарот, потпомогнат од нашиот другар Виктор.
Му се придружив на Дарио, но се поднаведнав, да не ги блокирам дамите зад мене, фокусирана на фотоапаратот, смешкајќи се на ладниот ветер.
