Kсенија Николова со фотки од детството му честиташе роденден на татко ѝ: „Ти си мојот пример за борбеност“
- Детали
- среда, 11 февруари 2026
„Твојот роденден ти веќе 15 години го прославуваш на еден прекрасен, хуман начин, со твоите пријатели од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во Радовиш“, вели Ксенија Николова за својот инспиративен татко.

Ксенија Николова вчера (10.02) му честиташе роденден на татко ѝ, за кој истакна дека ѝ е најголема инспирација во животот.
Писателката откри дека тој веќе 15 години има традиција да го слави роденденот на еден прекрасен, хуман начин, со неговите пријатели од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА од Радовиш.
Нејзината објава:
„Тато, денес ти е роденден и ти посакувам радост во срцето, добро здравје и мирни мисли. Да ми бидеш весел, спокоен и волјата секогаш да ти остане будна.

Ти си мојот пример за борбеност, упорност и амбиција, твојата желба да напредуваш и да се подобруваш ми ја пренесе уште кога бев мала, гледајќи те како постојано се трудиш да им се доближиш на твоите цели и не се откажуваш, препознав дека и јас во себе го носам истото.

Твојот роденден ти веќе петнаесетина години го прославуваш на еден прекрасен, хуман начин, со твоите пријатели од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во Радовиш, каде секоја година одите на заеднички ручек и се дружите.

Од година на година те гледам како се радуваш за оваа дружба и едвај чекаш да поминеш време со нив, а тоа ме потсетува и учи колку сите ние можеме да направиме разлика, со мали гестови, да придонесеме кон менување на големата слика.

Тато, Бог те чува. Биди ми жив и здрав, насмеан, насмеан, насмеан! Среќен роденден! Те сакам бескрајно“.




С. С. | Црнобело