Маја Кикириткова за штипскиот обичај 'Четрсе': „Се искачува Исарот, собираш 40 камчиња и го сонуваш животниот сопатник“
- Детали
- четврток, 26 март 2026
„Се собираат 40 каменчиња, едно по едно, 39 се фрлаат во реката Брегалница, се фрлаат од Исарот, а едно се зема со себе и се става под перница. Се верува дека ќе го сонуваш својот животен сопатник. Мајка ми и снаа ми се жив пример дека ги сонувале татко ми и брат ми“, вели Маја Кикириткова за CRNOBELO.com.

Маја Кикириткова е родена во Штип и иако од 27-годишна возраст Скопје ѝ станал дом, таа секогаш со радост се враќа во родното огниште.

Вели дека нејзиниот роден град има посебна магија и дека оттаму ги носи најубавите спомени од детството. Токму затоа сака да ги носи своите деца таму и да ги научи на традициите што ги имаат штипјани.

За CRNOBELO.com таа откри едно прекрасно народно верување од Штип:
“'Четрсе' е стар народен обичај што се слави на 22 март, на денот на Свети Четириесет маченици.
Овој ден се смета како симболичен почеток на пролетта и обновувањето на природата.
На овој ден се качува на Исарот - твдрината во градот Штип. Има една интересна симболика поврзана со овој ден.

Се собираат 40 каменчиња, едно по едно, 39 се фрлаат во реката Брегалница, се фрлаат од Исарот, а едно се зема со себе и се става под перница.

Се верува дека ќе го сонуваш својот животен сопатник.
Мајка ми и снаа ми се жив пример дека ги сонувале татко ми и брат ми.
Мајка ми ја сонувала и случката на запознавање, како се шетаат на корзо и го запознава татко ми, кој навистина така го има запознаено.

Надолу на симнување треба да се поздравиш со 40 луѓе.
Тој ден Исарот е преполн со луѓе, од мали деца, млади и стари луѓе. На Исарот има и црква, па попатно се застанува, се пали свеќа и се одава почит за Светите четириесет маченици.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело