Планинарка од Скопје по инцидентот со велосипедистот на Водно: „Не е само некултурно, туку и реална опасност“
- Детали
- четврток, 16 април 2026
Маја Дукова од Скопје го искачува Водно 4-5 пати неделно, а во секоја пригода го крева гласот за заштита на природата таму и за уредување на просторот. Сега, за CRNOBELO.com споделува став за виралното видео од Водно и го осудува потегот на велосипедистот...

Маја Дукова од Скопје е вљубеничка во планините, која покрај на подалечни места, редовно оди и на Водно и буквално ја обожава оваа планина.
Таа оди на Водно 4-5 пати неделно, а во секоја пригода го крева гласот за заштита на природата таму и за уредување на просторот.

Сега, по инцидентот кога планинар и велосипедист влегоа во конфликт на тема движење на патека на Водно, ја прашавме за мислење.
Маја за CRNOBELO.com вели:
„Го видов видеото и во конкретната ситуација, иако тонот на планинарот е поостар, и дрзок, суштински гледано – тој е во право.
Водно не е неуреден простор без правила. Редовните посетители знаат дека патеките се поделени, пешачки и велосипедски, и проблемот настанува кога тоа не се почитува.

Особено загрижува фактот што во видеото е само еден велосипедист. Што ако се група?
При движење во колона, со различна брзина и растојание, можноста сите да прикочат навреме е значително намалена.
Тоа го зголемува ризикот не само за пешаците (особено деца), туку и за самите велосипедисти.

Затоа, движење со велосипед на пешачка патека не е само „некултурно“, туку и реална опасност.
Реакцијата на планинарот, иако емотивна, произлегува од оправдана грижа за безбедноста.
Од друга страна, ваквите ситуации покажуваат и поширок проблем: недоволно јасно обележани патеки насекаде, недостиг на контрола и информираност, премногу простор за самоволно толкување.

Решението не е во кавги, туку во ред и почитување.
Јасна сигнализација, свесност и одговорност – затоа што Водно треба да биде безбедно за сите, не само за оние што се движат побрзо.
Проблемот настанува кога тоа не се почитува“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело