Јоце Панов емотивен за татко му, кој починал кога тој имал 11 години: „Празнината никогаш не исчезна“
- Детали
- среда, 22 април 2026
„Татко мој, имав 11 кога те изгубив, ти имаше само 49… Ако некаде слушаш, се надевам дека се гордееш со мене“, напиша Јоце Панов со многу емоции.

Јоце Панов многу често јавно кажува дека му недостасува неговата мајка, но и дека болката по нејзината смрт уште е силна, и покрај тоа што оттогаш помина скоро една деценија.
Но, пејачот не го заборава ни својот татко, кој починал многу млад, на само 49 години, а кога Јоце бил 11-годишно дете.
На својот последен концерт, во Македонска филхармонија, Јоце му посвети песна и на татко му, а своите чувства ги сподели и со пријателите и следбениците на социјалните мрежи.

Тој на Фејсбук објави фотографија од сцената и видео-ѕидот зад него, а на која е црнобела фотка од татко му.
„Татко мој, имав 11 кога те изгубив, ти имаше само 49…
Празнината никогаш не исчезна – само научив да пеам низ неа.
Под ѕвездено небо и со твојот лик зад мене, после 30 години ти ја посветив сцената, песната и тишината меѓу нотите.
Ако некаде слушаш… се надевам дека се гордееш со мене“, напиша Јоце.

Претходно, во интервју тој раскажа дека татко му починал ненадејно, во нивниот дом во Штип и дека не бил болен.
Кога повикале Брза помош, Јоце долго време стоел сам пред куќата и чекал да дојдат лекарите и да го спасат.
„Си седеше со комшијата најнормално на маса, му се фати едната страна.
И тоа ми е врежано во главата. Точно знам каде стоев во темната улица, дур чекам сам, како се молев на Бога да стасаат побргу, тој е моментот што никогаш нема да го заборавам.
Следното утро околу 4-5 починал. Мислам дека тука детството ми се прекина и сфатив дека треба да сум столб на фамилијата“, раскажа пејачот во емисијата „Животна приказна“.

А. Ј. | Црнобело