Македонец уникатно ја запроси саканата во Лајпциг – таа вози трамвај, тој ја пречека на станица со балони и прстен
- Детали
- вторник, 19 мај 2026
„Верувајте дека многу е покомплицирано од што изгледа. Колегите дури мораа и компјутерски да ги регулираат семафорите, за таа да пристигне точно на време, на точното место“ – вели Методија од ресенско, кој оригинално ја запроси саканата Наталија од Кочани, додека таа возеше трамвај во Лајпциг.

Викендов во Лајпциг, Германија, се случи уникатно запросување на Македонци, кое вирално се прошири на социјалните мрежи кај нас, но и низ Германија во локалните медиуми.
Станува збор за Методија Костовски (27) од с. Брајчино - Ресен, кој живее во Лајпциг и Наталија Стојановска (26), Кочани, која живее во Грима, близу Лајпциг.
Двајцата работат во иста компанија – тој како возач на автобус, а таа како возач на трамвај, па Методија дошол до оригинална идеја да ја запроси на работното место.

Токму кога таа пристигнала со трамвајот на последната станица, нејзиниот сакан ја чекал надвор, со балони на кои пишува „Омажи се за мене“, но и натпис на дигиталната табла на трамвајот, па клекна на колено.
За CRNOBELO.com Методија раскажува детали за запросувањето:
„Во врска сме веќе 9 месеци, но се запознавме околу една година пред тоа.
Таа беше на интервју за работа 3 месеци пред мене во фирмата во која работиме. Наталија работи како возач на трамвај, а јас како возач на автобус.
Јас ја контактирав да прашам како се одвива интервјуто, за да се подготвам. Од тука започна нашата приказна.
Запросувањето се случи во Лајпциг, на 15.05.2026 година.

Целата идеја за ваквиот начин на запросување произлезе од две причини. И таа, а и јас сакавме да биде нешто по различно од сите останати и „класични“ запросувања.
И вториот фактор/причина е тоа што таа беше скоро убедена дека девојките секогаш имаат претчувство кога ќе бидат запросени, можат да претпостават место, датум итн.
Ми рече „јас сигурно ќе знам“. Say no more! Кого го запросиле на еден сосема обичен работен ден, на работно место, а да биде толку уникатно и очигледно доста интересно за јавноста во Германија и Македонија.

Организацијата траеше можам слободно да кажам цели 2 месеца. Со десетици состаноци и телефонски повици со претпоставените лица во фирмата во која работиме.
Сериозна фирма, која ја препозна мојата идеја и несебично од прв ден до самата реализација целосно се погрижи ова да се реализира.
Верувајте дека многу е покомплицирано од што можеби изгледа. Колегите дури мораа и компјутерски да ги регулираат семафорите, за таа да пристигне точно на време, на точното место.
Да не зборувам за останатите илјада детали и моите непроспиени ноќи пред запросувањето.
