Македонец со емотивна исповед: „Имав 126kg и пиев за да заборавам кој сум... сега сум татко и трчам 21km“
- Детали
- среда, 03 декември 2025
„Таско раскажуваше како престанал да пие. Ерко за неговата ќерка со леукемија. Ме врати во минатото. 32 години. 126 килограми. Две пакли цигари на ден. Алкохол колку за да заборавиш кој си. Една ноќ се препив, препушив, и утредента животот ме удри во лице. Ја фрлив кутијата. Го фрлив шишето. И излегов да пешачам… не можев ни 500 метри“ - раскажува во својата емотивна и моќна исповед Дејан Кузмановски.

Подкастот на Лазаров во кој гостуваа Христијан Тасковски - Таско и Ермин Чулевиќ предизвика бура од емоции во јавноста.
Во гостувањето тие отворија тешки животни теми, Таско зборуваше за својата борба со алкохолот, депресијата, но и семејството и децата кои го извадиле од дното.
Ермин пак, проговори за животната битка на неговата ќеркичка Дариа, која пред неколку години ја победи леукемијата.
Прочитајте повеќе: Берберот Ерко за борбата на ќеркичката со леукемија: „Беше страшно да се гледа низ што минува во болница - мојата сопруга е херој што го издржа тоа“

Разговорот беше потсетник дека на сите понекогаш им се случуваат и најлошите работи, и покрај тоа што можеби не покажуваат и тивко се борат, но најважно е дека на крајот успеале да станат и да се изборат.
Токму со оваа порака се поистовети Дејан Кузмановски, кој на својот Фејсбук профил, инспириран од нивните приказни, го напиша накратко и своето патешествие.
Моќна и емотивна исповед:
„Вечерва гледав едeн подкаст. Ништо посебно, само тројца млади типови што зборуваа како што зборуваат луѓе кога немаат што да изгубат.
Стефан Лазаров, Кристијан Тасковски, Ермин Чулевиќ.
И некако, додека зборуваа, светот ми стана потежок.
А можеби само јас станав полесен.
Таско раскажуваше како престанал да пие. Дванаесет месеци чист. Музиката не му одела, животот уште помалку. Па се затворил кај татко му, во работилница што мириса на дрво и обиди. Знаеш како е тоа – кога тишината ти е поголем противник од било кој човек.
Ерко… човекот кој пред две недели за првпат го шишаше мојот син. Седев таму, гледав како му ја средува косата, а вечерва го гледав како зборува за неговата ќерка. Две и пол години. Леукемија.
Светот може да биде навистина суров. И уште посуров кога ќе ти удри таму каде што највеќе те држи жив.
И додека ги слушав, нешто старо ми се подигна од дното. Нешто што не сакаш да го гледаш в очи. Ме врати во минатото. На мајка ми, таа храбра жена, која стана ѕид што не се руши. Ако постојат вистински борци – тие почнуваат токму таму, во куќи што течат од тага и тишина.
Години подоцна…
32 години. 126 килограми. Две пакли цигари на ден. Алкохол колку за да заборавиш кој си, па уште малку за да заборавиш дека постоиш.
Една ноќ се препив, препушив, и утредента животот ме удри во лице. Не филозофски. Не поетски. Туку баш онака – со шамари.
Ја фрлив кутијата. Го фрлив шишето. И излегов да пешачам… не можев ни 500 метри.
После шест месеци – трчав 21 километар. Од 126 на 96 килограми.
Некогаш животот ти го дава најдобриот шамар, само за да ти покаже дека уште си жив.
И малку подоцна се роди мојот син.
Понекогаш наградите доаѓаат тивко.
И вечерва, додека ги гледав Таско и Ерко, сфатив нешто што сите го знаеме, ама ретко го кажуваме:
Никој од нас не избрал да биде борец.
Животот нè фрлил на рингот.
Или ќе станеш, или ќе те нема.
Таско станал.
Ерко станал..
Јас станав кога морав.
И така, некако, сите се држиме.
Ако нешто научив од мајка ми, од загубите, од трчањата, од алкохолот што не ми беше пријател, од подкасти и од овие животи што се судруваат со мојот — тоа е ова:
Секој човек е кршлив.
Но вистински е само оној што се крши и повторно станува.
Сè додека имаш за кого.
И сè додека имаш барем еден што ќе те слуша
Секоја чест, момци.
И благодарам што потсетувате дека вистината сè уште вреди повеќе од слика“.
М. М. | Црнобело
