Аеродромци се жалат на музиката од Тоше која свири 12 часа на ден на „Детска улица“: „Убаво е за минувачи, но вака не се живее“
- Детали
- среда, 20 мај 2026
„Видеото е снимено во недела, во 9 часот наутро. Некој можеби ќе рече: „Па убаво е да има музика“. Да, можеби е убаво за минувач што ќе помине 5 минути. Но за луѓе кои живеат тука, ова не е амбиент - ова е секојдневна тортура“, се жалат Аеродромци.

На Фејсбук групата „Општина Аеродром - пријави проблем“, неодамна беше објавено видео, направено во 9 часот наутро, а снимено од една од зградите околу улицата на Тоше.
На видеото се слуша песната Aria, а во пораката, жената што го објавила, вели дека гласната музика е реален проблем и тортура за сите што живеат таму, зашто песните од Тоше се пуштаат гласно по 12 часа на ден, сите 356 дена во годината и дека им е потребен малку поголем мир.
Оваа објава ги подели мислењата - едни велат дека е во право, а други ѝ пишуваат навреди и погрдни коментари и велат дека не е во право.

Во објавата на Фејсбук, пишува:
„Сакам јавно да пријавам проблем кој очигледно не се сфаќа сериозно.
Да не заборавите да го пуштите звукот на видеото. На Детска Улица дефинитивно не забораваат да го пуштат.
Ова е снимено денес – недела, во 9 часот наутро. Некој можеби ќе рече: „Па убаво е да има музика“. Да, можеби е убаво за минувач што ќе помине 5 минути. Но за луѓе кои живеат тука, ова не е амбиент — ова е секојдневна тортура.

Цела вертикала од зграда со 12 спрата секојдневно е изложена на иста музика што свири со часови, по 12 часа на ден, на секои неколку часа повторно и повторно. 365 дена во годината.
Пријавивме. Беше извршен и вонреден надзор. Добивме одговор дека „нема проблем“ и дека „сè е во ред“.
Да, ја исклучивте музиката навечер за да не ечи маалото до 4 сабајле, но дали навистина сметате дека ова е нормална и хумана средина за живеење?
Искрено прашувам: Дали вие би живееле вака? Дали би прифатиле по 12 часа дневно да слушате иста музика под прозор секој ден?
Ова не е прашање на вкус. Ова е прашање на квалитет на живот, мир и почит кон жителите. Ве молам уште еднаш реално да ја преиспитате ситуацијата и да реагирате соодветно“.

Видето погледнете го ТУКА.
А. Ј. | Црнобело