Незаборавна анегдота со Ѓорѓи Колозов во неговата викендичка во селото Велестово: „Добредојдовте кај дедо Боже!“
Сега, на оваа фан страница беше споделена стара фотка од Колозов во летно издание во неговата викендичка во селото Велестово.

Ви ја пренесуваме целосно објавата:
„Едно пеколно лето, во 1992 година, Ѓорѓи Колозов престојувал во својата викендичка во селото Велестово. Од самиот двор се отвора поглед кон Охрид и целото езеро - како на дланка.
Глетка што маѓепсува и засекогаш останува во сеќавањето.
Велестово е сместено високо на ридот над Охрид. Додека се искачуваш по патот кон селото, имаш чувство дека патуваш кон небото.

Недалеку од викендичката на Ѓорѓи и Шенка, група млади луѓе, возејќи се со автомобил, се превртеле на еден од стрмните патишта. Ѓорѓи го видел несреќниот настан и без двоумење истрчал да им помогне.

Во шок од несреќата, младите успеале да излезат од превртениот автомобил. Збунети, не знаеле дали се живи или мртви.
А пред нив - белокос и белобрад човек. Запрепастено го гледале, а Колозов, со својот препознатлив глас и неизбежната смисла за хумор, ги поздравил со зборовите:
„Добредојдовте кај дедо Боже!“

Анегдота што и денес се раскажува во Велестово и Охрид, со насмевка и восхит кон човекот чиј дух и во најтешките мигови знаел да внесе топлина, хумор и човечност“.

С. С. | Црнобело