Емотивен текст до мајката на тапанарот Ѓорѓи од ДНК: „Со тешка рака името на лист за Задушница ќе му го напишеш“
- Детали
- петок, 31 октомври 2025
Писателката и поетеса Билјана Андоновска, на Фејсбук објави песна која ја напишала за Зорица, мајката на Ѓорѓи Ѓорѓиев, тапанарот од бендот на ДНК, кој загина во пожарот во Кочани на 16 март.

Билјана Андоновска песната посветена на Зорица и Ѓорѓи ја објави на Фејсбук, пред Задушница, денот кога живите се сеќаваат на починатите и ги слават нивните души.
Во песната, со многу емоции, Билјана пишува:
За мајката на Ѓорѓи (тапанар на ДНК)
Зорице моја,
Знам дека боли.
И знам дека срцето ти го знам, иако не те запознав.
Ти, најсилна моја која со тешка рака името Ѓорги на лист за помен за Задушница ќе го напишеш.
Твоето јагне кое не на листот да го напишеш,
ами сакаш силно да го гушнеш.
И ете гушнати сте.
И посакуваш толку да го стегнеш, па да се смеете ко некогаш.
Тропна тапанот и срцето ти се разигра...
Мигови...

И пак се враќаш за миг тука кај листот.
Тагата те чека.
Пустата, никако да замине.
Крстот ти натежнува,
но не го оставаш.
Знаеш мила моја, знаеш дека јагнето ти е тука.
Зад крстот.
Со Бога.
Сака мајка му радосна да е.
Те гушка крадешкум кога спиеш.
И сила ти дава да издржиш.
И ти шепоти:
А, што се деновите земни наспроти вечноста?
Што е тагата наша, спрема радоста рајска?

И кога дете ќе сретнеш, гушни го силно.
Оти секое дете јагне е.
Знаеш што?
Чајот од мајчина душичка што во ракава ми е,
топол и миризлив е како срцето твое...
Твојата писателка, Билјана Андоновска.“

Во овие стихови се пронајде и водителката, пејачка и мотивациски говорник, Јулија Мациевска, која пред неколку години ја загуби својата ќерка Андријана од рак.
„Прекрасна посвета на мајката и чедото откинато од утроба. И што е тагата наша спрема радоста рајска?
И секогаш кога тапанот ќе чукне, знај мајко, твојот Ангел сака да го чуеш и да ти каже дека животот продолжува и чука во бесконечноста“, напиша Јулија во коментарите.

А. Ј. | Црнобело
