Христијан од Куманово: „Ја однесов ќерка ми во ретро станот на прадедо ѝ, со милјеа и винтиџ работи, како во Југославија“
- Детали
- вторник, 27 јануари 2026
„Малата Веда е на гости кај прадедо. Годината е 1979, Југославија (чувствуваме така, инаку годината е 2026, Македонија).. Таа има само пет месеци, а мама ја држи во раце и тивко ѝ зборува. Станот е старовремски - дрвен мебел, чипкани милјеа, пожолтени фотографии и радио што тивко свири некоја стара мелодија. Мириса на кафе и на спомени“, емотивно вели Христијан Маџовски од Куманово и испраќа моќна порака.

Христијан Маџовски од Куманово е татко на малата Веда, со која сними емотивно видео, кое навистина е позитива на денот.
Со својата сопруга и со нивната наследничка тој го посетил дедото на неговата сопруга Симе, кој всушност е прадедо на Веда, и живее во стара зграда во Куманово од далечната 1979-та година.
Станот и денес, во 2026-та, е уреден како што бил некогаш, а со сите винтиџ детали ни ја враќа носталгијата за старите времиња и Југославија.
Инспириран токму од ова, Христијан емотивно вели:
„Малата Веда е на гости кај прадедо. Годината е 1979, Југославија (си замислуваме, инаку годината е 2026, Македонија)..
Таа има само пет месеци, а мама ја држи во раце и тивко ѝ зборува, си игра со неа и ѝ се смее.

Станот е старовремски – дрвен мебел, чипкани милјеа, пожолтени фотографии и радио што тивко свири некоја стара мелодија. Мириса на кафе и на спомени.
Прадедо стои на страна, ги гледа двете и се смее слатко, со поглед полн топлина и носталгија.
Времето тука тече побавно.

Ако малата Веда живееше во Југославија…
Ако малата Веда живееше во Југославија, денот ќе почнеше тивко. Нема екрани, нема брзање.
Само звукот на радио-апаратот во аголот, оној со дрвена кутија и топло крцкање, од кое се слушаат утринските вести и стара музика што сите ја знаат.
Станот мириса на старо дрво, на свежо сварено кафе и на некоја чудна, но топла мешавина од сапун, домашна храна и спомени.
Станот на прадедо е мал, но полн. Полн со живот, со приказни, со години.
Масата е покриена со чипкана чаршавка, ѕидовите со пожолтени фотографии од времиња кога се живеело поскромно, но некако – потопло.
Секој предмет има своја приказна, секоја пукнатина во паркетот памети чекори од минатото.