Моника живее во Дубаи: „Весна Петрушевска за мене е како втора мајка, Мина ми е повеќе од сестра, а тука го живеам својот сон“
- Детали
- петок, 11 јули 2025
„Почнав како административец во финансиски оддел, а денес сум менаџер во областа на недвижнини, со водечки тим од 20 луѓе кои секојдневно затвораат мултимилионски зделки. Последните 5 години беа години на учење, пробивање и докажување“, вели за животот во Дубаи Моника, девојката која Весна Петрушевска ја нарекува свое трето дете.

Моника од Гевгелија веќе 5 години живее во Дубаи каде од ден на ден расте на поле кариера и го живее својот сон. Таа работи како менаџер во областа на недвижнини.
На само 18 години ја изгубила поради рак на дојка својата биолошка мајка, а по игра на случајноста животот ја одвел на адресата на Весна Петрушевска, жена која за неа цел живот била идол, додека ја гледала на телевизија.
Моника прво ја подучувала Мина, ќерката на Весна, и ѝ држела часови по математика, а потоа спонтано станала дел од нивната заедница.
Денес, Моника ја нарекува Весна нејзина втора мајка, а Мина, вели дека ја смета за повеќе од сестра, и дека тие две ѝ се ветерот во грб на патот до нејзините цели.

Моника ја споделува својата приказна за животот во Дубаи за CRNOBELO.com:
„Јас живеам во Дубаи - град на можности, амбиции и големи соништа. Овде најдов простор да растам, да се надминам себеси и да се борам за подобар живот.
Во срцето, секој ден посакувам да бидам подобра верзија од себе, да оставам позитивно влијание врз светот околу мене и никогаш да не престанам да верувам во својата моќ.

Весна за мене е како втора мајка. Нејзината љубов, разбирање и топлина се меѓу најдрагоцените дарови што ги имам во животот.
Нејзината присутност ми дава сила - сила да продолжам, да се исправам и да верувам дека секој нов ден носи нова шанса за нешто подобро. Моментите со неа ме потсетуваат дека не сме сами, дека љубовта и поддршката се најсилните сили што ги имаме.

Мојот однос со Мина е нешто посебно.
Таа ми е повеќе од сестра, таа е мојот најголем пријател, мојата најголема поддршка и мојата тивка сила.
Заедно ги делиме радостите, болките и соништата. Заедно го градиме животот исполнет со верба, љубов и надеж за подобро утре.

Се радувам на нашиот летен одмор на Санторини.
На професионален план, мојот пат беше исполнет со труд, посветеност и постојан раст.

Почнав како административец во финансиски оддел, а денес сум менаџер во областа на недвижнини, со водечки тим од 20 луѓе кои секојдневно затвораат мултимилионски зделки.
Последните 5 години беа години на учење, пробивање и докажување, не само на себе, туку и на сите околу мене дека успехот е можност ако имаш визија, труд и срце.

Мојот сон во Дубаи не е само личен, сакам да изградиме приказна што ќе инспирира. Сакам мојата патека да биде доказ дека сè е можно ако веруваш и ако не се предаваш.
Сакам да бидам пример за сите што тргнуваат од нула - дека можат да достигнат врвови што некогаш им изгледале недостижни.

Секој ден е нова можност - да сакам повеќе, да дадам повеќе, да создадам повеќе.
Мојата визија е да оставам трага исполнета со човечност, љубов и инспирација — нешто што ќе ги поттикне другите да веруваат во себе и да се борат за својот сон.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
