Македонска иселеничка се жали: „Претешко е секоја мисла на македонски да ја претвориш во друг јазик“
- Детали
- понеделник, 13 јули 2026
Славица Савеска - Кењереш од Скопје за живеењето веќе 14 години во Норвешка вели: „Кој не живеел во странство не може никогаш целосно да сфати... Колку е фрустрирачки кога во другата земја сите имаат логика која тебе ти е тотално бесмислена“ и споделува низа други маки.

Славица Савеска - Кењереш од Скопје од 2012 година живее во Осло, со сопругот и двете ќерки, a сега на својот Инстаграм профил сподели кои се маките на речиси секој македонски иселеник.

Таа зборува за чувството на дома кое недостига и за секоја мисла што прво ви доаѓа на македонски, па треба да ја претворите во друг јазик.

Славица вели: „Кој не живеел во странство не може никогаш целосно да сфати...“
„Колку е тешко секоја мисла на македонски, да ја претвориш во друг јазик за таа да има смисла!

Колку е фрустрирачки кога во другата земја сите имаат логика која тебе ти е тотално бесмислена!
Колку и да си прифатена од колегите, секогаш седиш со чувство дека си различна!

Колку е напорно да бидеш постојано несфатена!
Кое е чувството на беспомошност кога сè што знаеш за општествено уредување, закони и правила не важи во новата земја!

Колку боли повторно и повторно да ги пропуштиш семејните собиранки и прослави!
Најтешкото од сè е што после години во странство, не припаѓаш целосно никаде и секаде ти е во исто време и дома и странство!“

