Мила Арсовска со исповед: „На 2 години ме прегази воз – дел од стапалото ми е ампутирано, никој не знаеше за мојата битка“
- Детали
- среда, 15 јули 2026
„Возот помина преку мене, вагон по вагон, оставајќи ме да се борам да преживеам. Заради повредите и компликациите, дел од моето стапало беше ампутирано. Поминав долги години работејќи напорно, само за да се чувствувам еднаква. И да, еден дечко, еднаш ми рече: 'Никој нема да се ожени со тебе, затоа што нема да бидеш способна ни да трчаш по сопствените деца'“ - вели во емотивната исповед нашата стилистка Мила Арсовска.

Мила Арсовска е наша стилистка, која цела деценија работи во САД, живее во Њујорк и соработува со голем број познати лица.
Низ годините, низ сите подеми и падови, предизвици и успеси, таа во себе криела една борба која ја водела сама.

Како мала, Мила имала несреќа, кога била прегазена од воз, заради што останала со делумно ампутирано стапало на едната нога.
Сепак, таа не сакала инвалидитетот да ја дефинира, па одлучила да ја крие во себе болката и да му ја покаже на светот нејзината сила, иако потајно водела битки кои никој не ги гледал.
„Сакав луѓето да ме знаат по тоа што станав и постигнав. Зад секој чекор што го правев, секој спорт што го играв и секој предизвик со кој се соочував, имаше патешествие за кое повеќето луѓе не знаеја“ – вели таа.
На својот Инстаграм профил, сега Мила одлучи да ја открие целосно својата тајна, бидејќи конечно има можност да ѝ биде направена протеза за стапалото и да чекори нормално, но потребна ѝ е помош.

Во својата исповед таа ја раскажува приказната, ја пренесуваме во целост:
„За новите пријатели, кои не ја прочитале мојата приказна...
Кога имав 2 години, доживеав несреќа со воз. Бев сама, си играв на железничките шини, несвесна за тоа што ќе се случи.
Возот помина преку мене, вагон по вагон, оставајќи ме да се борам да преживеам.
Заради повредите и компликациите, дел од моето стапало беше ампутирано.

Научив како да одам и да го држам моето тело... Играв одбојка – криејќи дека имам инвалидитет, за да ми дозволат да играм.
Поминав долги години работејќи напорно, само за да се чувствувам еднаква.
И да, еден дечко, еднаш ми рече: 'Никој нема да се ожени со тебе, затоа што нема да бидеш способна ни да трчаш по сопствените деца'.
Бегав од такви луѓе!
