Баже од Скопје ја запроси Ива со кул натпис: „Прстенот го криев во мојата берберница, глумев дека одиме на роденден“
Прстенот го избрав сам. Не беше лесно, долго барав додека не најдов нешто едноставно, но во исто време уникатно, токму онака како што Ива отсекогаш замислуваше и посакуваше.

Најбезбедното место за криење на прстенот ми беше мојата берберница. Го криев меѓу алатите, кремите, восоците и пудрите, каде што знаев дека нема да го пронајде.

Пред запросувањето имав трема, иако знаев каков одговор ќе добијам.
Мислев дека ќе биде многу полесно отколку што навистина беше. Но, кога дојде самиот момент, сè беше сосема поинаку, бевме збунети и возбудени истовремено двајцата.

Во тие моменти бев сигурен дека таа е личноста со која сакам да го поминам остатокот од животот. Со нетрпение чекав да клекнам и да и го поставам најважното прашање.

И никогаш нема да ја заборавам нејзината неизмерна среќа и насмевка, како и солзите радосници кај нашите родители и најблиските.

Првично имав друг датум за запросувањето, но поради мали сомнежи кај Ива решив да го сменам.

Тука побарав помош и од моите за да изгледа многу поубедливо дека ние се спремаме за роденденот на татко ми, а не запросување. Сите комплетно ја лажевме.

Инаку, одлуката за запросувањето не беше одлука донесена во еден момент. Со текот на времето сфатив дека покрај неа се чувствувам најсреќен, најсмирен и најисполнет.

Знаев дека таа е жената со која сакам да создадам семејство и да остарам.
Инаку, идејата за натписот дојде од нашите презимиња и од една наша мала, заедничка шега. Ива е Којовска, а на Инстаграм потпишана како „Којовче“, додека јас сум Илиевски.
Пред да дојде моментот на запросувањето, низ нашите секојдневни муабети често се шегувавме на таа тема – дали еден ден ќе стане „Илиевче“, дали ќе го смени презимето и слично.

Од тие мали шеги и разговори се роди идејата да направам нешто што ќе има лично значење за нас двајца. Така настана „Од Којовче до Илиевче“ – порака која на симпатичен начин ја раскажува нашата приказна.
Од две презимиња, две личности и две патеки, создадовме една заедничка приказна и ново поглавје кое сега го започнуваме заедно.“.
