Филмски љубовни двојки кои не се поднесувале зад камерите
Има актери кои заслужуваат оскари за глумењето љубов кон партнерите што органски не можат да ги сварат. А, дури снимаат и еротски сцени заедно.
За разлика од хемијата што меѓу нив постои додека се во кадар, некои парови не сакаат очи да си видат надвор од сетот. Ова се филмските љубовни двојки кои не се поднесувале зад камерите:
Анџелина Џоли и Џони Деп
Денес тие се навидум добри пријатели. Меѓутоа, на сетот за филмот „The Tourist“, воопшто не било така.
Според инсајдерите, Анџелина Џоли честопати го критикувала изгледот на колегата, давајќи му везден совети да се занимава со спорт, односно да го промени стилот и фризурата. Џони Деп, пак, одговорил дека таа е претерано себична и арогантна.
По завршеното снимање, се чини дека ги закопаа воените секири, иако и двајцата тврдат дека никогаш повеќе нема да работат заедно.
Рајан Гослинг и Рејчел Мекадамс
Од љубов до омраза – таков бил односот на една од омилените филмски двојки – пред и зад камерите.
Режисерот на „The Notebook“ се присетува дека глумците многу се карале на почеток од снимањето. „Цело време викаа и се расправаа. Немаше ден да не приредат скандал.“. Според неговите зборови, актерот дури и побарал да му ја заменат партнерката.
Филмот наиде на одличен прием кај публиката, а во текот на премиерата, односите драстично се промениле. Рајан Гослинг и Рејчел Мекадамс почнаа да се забавуваат. Романсата им траеше три години.
Дакота Џонсон и Џејми Дорнан
Носителите на главните улоги во еротската сага „Fifty Shades of Grey“, уверуваат дека се поврзани со „топли професионални односи“.
Од друга страна, добро упатените извори велат дека во реалноста нештата се далеку покомплицирани. Според луѓе од продукцијата, Дакота Џонсон била мошне срамежлива за време на снимањата, а Џејми Дорнан го излудувало таквото нејзиното однесување.
Воедно, фактот што сопругата Амелија Варнер ѝ љубоморела на неговата филмска партнерка, дополнително ја отежнувало ситуацијата.
Пирс Броснан и Тери Хачер
Додека работеле на 18-тото продолжение од филмскиот серијал „James Bond“, актерот Пирс Броснан им се жалел на колегите дека неговата партнерка Тери Хачер везден доцни на снимањата.
Заради ваквиот однос, меѓу двајцата долго време траела напнатоста. Меѓутоа, подоцна глумицата откри дека тогаш веќе била трудна и наутро имала тешки мачнини.
Иако ѝ се извини, тие никогаш не останаа во добри односи.
Клер Дејнс и Леонардо ди Каприо
„Romeo + Juliet" се смета за една од најдобрите адаптации на познатата шекспирова трагедија.
Од мноштво погледи, заслугата им припаѓа на протагонистите, Клер Дејнс и Леонардо ди Каприо. Тие глумат навистина убедливо, па сега е ужасно тешко да се поверува дека константно се расправале во текот на снимањата.
Од екипата потврдија дека актерката постојано го навредувала колегата, затоа што кажувал „несолени“ шеги на сметка на нејзиното неискуство. Велат дека ова е и причината зошто подоцна одбила да учествува во филмот „Titanic“.
Патрик Свејзи и Џенифер Греј
„Девојката не присилуваше одново и одново да повторуваме една иста сцена. А, кога ќе добиеше критика, таа плачеше и побегнуваше.“.
Ова го напиша покојниот актер Патрик Свејзи за Џенифер Греј во своите мемоари, говорејќи за искуството што го имал со колешката при снимањето на култниот „Dirty Dancing“.
Интересен е податокот дека ним споменатиот наслов не им е прва соработка. Претходно биле заедно во филмот „Red Dawn“, а се сложиле повторно да соработуваат, исклучиво бидејќи и двајцата верувале дека проектот ќе доживее успех. И беа во право.
Ким Бесинџер и Мики Рурк
Страста која љубовниците ја доживуваат во филмот „9 1⁄2 Weeks“ , резултат е исклучиво на добрата работа на режисерот.
Тој успеал да ја пренасочи негативната енергија што Ким Бесинџер и Мики Рурк ја чувствувале еден кон друг во вистинскиот правец. Барем на платното.
А, во реалноста, глумицата го нарекувала својот партнер „пепелник“ заради неговата љубов кон пушењето, додека тој често ја обвинувал за потполно отсуство на емоции.
М. А. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





