Дарко Гроздановски и Игор Џамбазов, малку порано од најавеното – „Понеделнички“
Дарко Гроздановски и Игор Џамбазов - спој на младоста и искуството, а како заедничка особина и на двајцата, како и на целиот тим вклучен во овој проект: енергијата, трудот и искрената желба да се создаде не песна со видео запис, туку парче уметност.

Главниот „виновник” за спојот на оваа група уметници е продукцијата „Fresh Union” зад која стои Васко Павлевски кој безрезервно се вложи тимот да е составен од најдобрите меѓу најдобрите, односно: Мите Димовски на чело на сите вклучени во аудиото, Огнен Шапковски - уметникот позади камерата, а преубавата и добро позната Моника Црнокрак - „шанкерката” во која се вљубува главниот лик - Дарко Гроздановски.
И секако…легендарниот Игор Џамбазов - татко на шанкерката, газдата на локалот во „masterpiece” сценариото на Шапковски, каде како главен заплет се појавува конфликтот помеѓу Игор и Дарко.

Игор Џамбазов - авторот на многу безвременски хитови. Игор Џамбазов - авторот на „Понеделнички”.
Дојде и тој понеделник каде Дарко Гроздановски по три години без авторска песна, повторно се појавува во етерот. Овој пат во ново и можеби најквалитетно руво до сега, создадено од „материјали” врз кои се темели македонската музичка уметност.

Дали вредеше чекањето, проценете сами драги гледачи и слушатели и уживајте во „Понеделнички” денес и секој ден од неделата, секоја недела.
„Сакам сите денови да се понеделници”, напиша Џамбазов, испеа Гроздановски, а вие... Уживајте!
