Го гледав „Балканкан“ под ѕвезденото небо на Скопје - Зошто ме воодушеви киното на отворено?
- Детали
- петок, 22 август 2025
Уште од првиот момент кога слушнав дека Скопје ќе има кино на отворено, почнав да зборувам дека мора да отидам барем еднаш. А го „фатив последниот воз“, бидејќи летната програма на Cineplexx завршува за десетина дена.

Кино во автомобил или кино на отворено секогаш ми биле асоцијација за американските филмови.
Кај нас, секој обид да се воведе вакво кино, ми се чини завршувал неславно, со по 1-2 проекции (поправете ме ако грешам).

Па, затоа идејата за кино на покривот на City Mall, како огромна сала под ѕвездите, ми предизвика возбуда уште од првиот момент кога слушнав дека ќе се реализира.
Но, што поради обврски, патувања, распродадени билети, некако не стигнав да отидам - сè до пред два дена кога бев на проекцијата на „Балканкан“ за да се обележи 20-годишнината од премиерата на култниот македонски филм за баба Зумбула.

На проекцијата бев со сестра ми. Таа никогаш не го гледала филмот, јас до пола (срамота), па ова беше одлична шанса да си ја исправиме грешката.
Во кино пристигнавме околу час и половина пред проекцијата - ги зедовме билетите и излеговме на паркингот, кој, овој пат, беше во сосема поинакво руво.

Веднаш пред вратата имаше светлечки панели кои ги најавуваа сите проекции за август.
Пред нас црвен тепих преку кој се влегуваше во салата на отворено.

Од едната страна штанд за пуканки и безалкохолни пијалаци, од другата страна количка со коктели (по 200 денари).
Меѓу негазиран пијалак и коктел, избравме да порачаме Мохито и Палома, па седнавме на две lazy bags кои беа поставени во делот за дружење на луѓето пред проекцијата.

Додека разговаравме почна полека да се стемнува, „вратите“ се отворија и тргнавме да си ги најдеме местата за седење.
Зад петте реда lazy bags беа поставени плажарски столчиња, не најудобни за да поминете во нив два часа (плус/минус), но многу кул како идеја.

Ни дадоа слушалки за уши и филмот почна брзо потоа.
Во еден момент ги тргнав слушалките за да сфатам дека сè наоколу е „глуво“ и необично тивко - од платното не се слушаше никаков звук, а секој поединечно си го уживаше и доживуваше филмот.

Пред да ги вратам слушалките на уши, низ отвореното кино одекна силно смеење, од сите страни.
Публиката реагираше на репликата на Тони Михајловски: „Трендафил дома е?“.
