Калиопи е жена емоција - Одржа концерт за паметење во Скопје, си ја остави душата на сцена (видео)
- Детали
- сабота, 15 ноември 2025
Кога ќе тргнете на концерт на Калиопи, однапред знаете дека ќе си поминете убаво. Но, кога ќе си отидете од концертот, сфаќате дека таа ги надминала вашите очекувања. Калиопи е жена глас. Жена емоција. Жена љубов. И сето тоа го сподели со својата публика вчеравечер и во два и пол часа, си ги остави и срцето, и душата и гласот на сцена.

Не постојат доволно силни зборови да се опише магијата што се случува на сцената кога Калиопи има концерт.
Енергијата што ја носи во себе и љубовта што ја шири, дополнети со нејзиниот шарм и смислата за хумор, прават да се чувствувате како да сте на некое посебно место, а таа пее и зборува само за вас.

Токму тоа се случуваше вчеравечер во Македонската филхармонија, каде поп-кралицата на Македонија го одржа својот концерт наречен „100% Live со Калиопи“.

Придружувана од оркестар од десетина музичари и бек-вокалите Маја Саздановска и Јулија Огненоска, кои со години се покрај неа на сцената и знаат како дише - Калиопи не пееше... Калиопи го живееше моментот, создаваше конекција со публиката, се шегуваше на своја сметка.
„Толку од мојата шминка и фризура. Што видовте-видовте. А и чизмите, како што гледате, мора да си ги поткревам и ќе ги кревам цела вечер. Се приметува дека сум ослабена, нели?“ - ѝ се обрати на публиката.

А таа, публиката, од моментот кога Калиопи зачекори на сцената со песната „Черги“, до последниот такт на „Бато“ испеана на бис, не престана да пее, да ужива, да ја следи Калиопи без здив, да ја наградува со аплауз по секоја песна, да ја пречекува со овации на првите ноти од следната песна.

Синоќа Калиопи испеа и дел од евровизиската „Дона“, а потоа, пред да ја запее „Казна“ која е дует со Слаткар од последниот албум, искрено призна:
„Песната беше правена за Евровизија и денес првпат ќе ја слушнете таа верзија. Ромео сакаше да ја пеам ‘Казна’, јас му велев дека ‘Дона’ ми е повеќе при душа ѝ еднаш да ми дозволи да биде по мое.
Ја испеав ‘Дона’... и се покајав. После тоа му реков веќе никогаш да не ме слуша кога ќе му кажам дека сакам нешто да е по мое“.
