Ирена, сопругата на клавијатуристот Филип Стевановски од ДНК: „Сама го организирам фестивалот Весело Штурче - во негова чест“
- Детали
- понеделник, 20 јули 2026
„Со Филип сè беше како песна. Му реков: - Дали си сигурен дека ќе можеме да се справиме со сè, ова не е обичен фестивал, ова е бренд на нашиот град Штип. Ми рече: - Знаеш дека сѐ ќе биде во ред, заедно можеме!“, вели Ирена Крстевска Стевановска, сопругата на клавијатуристот Филип Стевановски од ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во Кочани.

Ирена Крстевска Стевановска, сопругата на клавијатуристот Филип Стевановски од ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во Кочани, ja продолжува неговата мисија и годинава ќе го организира сама фестивалот „Весело Штурче“ втора година по ред, а ова ќе биде 5-годишен јубилеј од возобновувањето на фестивалот.

„Секој почеток е тежок, но нескромно ќе кажам дека со Филип сè беше како песна.
Кога се роди идејата да се преземат правата за да можеме да го организираме Весело Штурче му реков: - Дали си сигурен дека ќе можеме да се справиме со сè, ова не е обичен фестивал, ова е фестивал кој е душата и најубавите спомени на многу генерации? Фестивал кој беше со големо реноме и бренд на нашиот град.
Ми рече: - Знаеш дека сѐ ќе биде во ред, заедно можеме!

За Филип не постоеше невозможно.
Така и почна приказната, со голем ентузијазам и желба пред сè за нашето дете да расте со убави спомени кои ќе ги памети секогаш.

Секоја година се градеше фестивалот со многу внимание и љубов, внимателно се бираа песничките и се работеше со децата на најпрофесионално ниво.

Така оваа приказна прерасна во јубилеј од 5 години.
Оваа година на фестивалот на песни за деца „Весело Штурче“ ќе се изведат 22 композиции од кои 4 дуета и една хорска изведба по повод јубилејот на фестивалот. Хорот е составен од 17 дечиња, а бендот од 4 дечиња.

Традиционално фестивалот се одржува втората половина од септември во Н.У. Центар за култура „Ацо Шопов“ Штип. Ќе има многу гости, изненадувања и најважно - дружења кои никогаш нема да се заборават.

Втора година како фестивалот е без Филип, а за мене да продолжам да го негувам со уште поголема одговорнот, бидејќи сѐ што правевме беше заемно и знам дека неговата желба ќе биде исполнета. Работам во негова чест и со силни емоции.








