Како да го гледате вечерашното целосно затемнување на Месечината?

Вечерва, почнувајќи од 19:30 часот, на небото ќе можеме да го видиме целосното затемнување на Месечината – феномен што кај нас не бил видлив уште од 2011 година. За разлика од соларната еклипса, лунарната не може да ги оштети очите и можете да ја набљудува без заштита, дури и од населено и осветлено место.

kako-da-go-gledate-vecherashnoto-celosno-zatemnuvanje-na-mesechinata-01.jpg

Вечерва ќе имаме можност да сведочиме на феномен кој кај нас не бил видлив повеќе од една деценија – целосно затемнување на Месечината.

Изминативе неколку години имало целосни лунарни еклипси, но, за жал, поради положбата на Месечината, за нас во Македонија не беа видливи.

Па последен пат, целосното затемнување на Месечината беше видливо од Македонија во 2011 година.

Што претставува затемнувањето на Месечината?

Како што постои затемнување на Сонцето (соларна еклипса), постои и затемнување на Месечината, познато и како лунарна еклипса.

Овој феномен настанува кога Земјата поминува точно помеѓу Сонцето и Месечината.

Па, Земјата прави сенка врз нашиот сателит и го затемнува.

kako-da-go-gledate-vecherashnoto-celosno-zatemnuvanje-na-mesechinata-02.jpg

Постојат неколку видови затемнување на Месечината.

Целосното затемнување настанува кога Месечината целосно е во сенката на Земјата.

Но, Месечината не станува потполно црна, бидејќи дел од сончевата светлина сепак минува низ атмосферата на Земјата.

Во овој случај, светлината со сина и виолетова боја полесно се распрснува бидејќи има пократка бранова должина.

Па, до месечината допира светлината со подолга бранова должина, односно зраците со црвена и портокалова боја.

Поради ова, за време на целосно затемнување, Месечината има црвено-портокалова нијанса, па феноменот се нарекува и „крвава Месечина“.

Делумното затемнување настанува кога Земјата прави делумна сенка на Месечината. И ова затемнување е видливо – како сенка која само поминува врз Месечината, без целосно да ја затемни.

Најмалку видлива е таканаречената пенумбрална еклипса. Во овој случај, Земјата засенува многу мал дел од Месечината па ако не гледате внимателно, сосема возможно е и да го пропуштите настанот.

kako-da-go-gledate-vecherashnoto-celosno-zatemnuvanje-na-mesechinata-03.jpg

Кога ќе се случи затемнувањето годинава?

Годинешното затемнување на Месечината ќе се случи вечерва, 7-ми септември.

Месечината ќе изгрее во 18:54 часот - овој период ќе биде многу ниско на хоризонтот и нема да биде многу видлива.

Но, веќе во 19:30 часот, Месечината ќе се искачи погоре, а ќе почне и затемнувањето кое ќе биде целосно. Односно Месечината ќе има црвено-портокалова нијанса.

Пикот на еклипсата ќе биде достигнат во 20:11 часот и ќе трае до 20:52 часот.

Уште околу еден час ќе може да се набљудува делумно затемнување на месечината, односно до 21:56 часот.

Затемнувањето ќе биде видливо во цела Европа, што значи може да уживате дури и ако сте на одмор на некоја европска дестинација.

kako-da-go-gledate-vecherashnoto-celosno-zatemnuvanje-na-mesechinata-04.JPG

Како да го набљудувате?

За разлика од затемнувањето на Сонцето кое може да го оштети видот, лунарната еклипса е безбедно да ја гледате без никаква заштита.

Бидејќи Месечината е светла, ќе можете да го набљудувате феноменот и ако сте во град, но за најдобар поглед, препорачливо е да отидете на неосветлено место.

Ако сте како повеќето, претпоставуваме дека немате телескоп, но во овој случај може да ви послужи и обичен двоглед.

Времето се очекува да биде ведро, што значи може да се подготвите за уникатно астрономско шоу.

kako-da-go-gledate-vecherashnoto-celosno-zatemnuvanje-na-mesechinata-05.JPG

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Што ќе се случи на Земјата ако Месечината одеднаш исчезне? Ако Месечината исчезне, деновите постепено ќе стануваат пократки бидејќи нејзина...
Сè што треба да знаете за мисијата што ќе нè врати на Месечината (и како да го следите лансирањето н... Ако временските прилики се добри и ако не се појават технички проблеми, утре чет...
Астронаут крсти месечев кратер по починатата сопруга, срушија рекорд: Како помина најважниот дел од ... Ја видоа Месечината одблиску, сведочеа на соларна еклипса, изгубија контакт со З...
Како изгледа животот на астронаутите во минијатурната капсула, на патот до Месечината? Имаат неколку опции за храна, како оброци со месо и зеленчук кои се дехидрирани....
Астронаутите од Артемида 2 безбедно се вратија на Земјата, по патувањето до Месечината Синоќа, околу два часот по полноќ (по македонско време) четворицата астронаути о...
Успешно полетување, но мали проблеми со тоалетот: Како помина лансирањето кон Месечината? (фото+виде... Синоќешното лансирање на Артемида 2 помина беспрекорно, а сега, неколку часа под...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg