Сè што треба да знаете за мисијата што ќе нè врати на Месечината (и како да го следите лансирањето на астронаутите)
Ако временските прилики се добри и ако не се појават технички проблеми, утре четворица астронаути ќе тргнат на историска мисија кон Месечината. Тие нема да слетаат, туку само ќе ја заобиколат, а ако мисијата е успешна, во наредните неколку години, тим астронаути не само што ќе слетаат на Месечината, туку ќе почнат да градат и лунарна база. Со ова, човештвото ќе се врати на Месечина по повеќе од половина век.

По половина век, човекот ќе се врати на Месечината со програмата Артемида на НАСА.
Во склоп на програмата има неколку мисии чија цел е да се тестираат ракетите и леталата, пред екипаж конечно да се врати на нашиот сателит.
Моментално во тек е мисијата Артемида 2, со која екипажот ќе патува до Месечината, ќе ја заобиколи и ќе се врати назад, без да слета. Лансирањето е закажано за утре, 1-ви април.
Ракетата што ќе ги лансира астронаутите
Сè што треба да знаете за враќањето на човекот на Месечината:
Што е програмата Артемида?
Програмата Артемида е склоп од неколку лунарни мисии организирани од НАСА.
Последен пат човекот беше на Месечината во далечната 1972 година, како дел од програмата Аполо, исто така организирана од НАСА.
Во склоп на Артемида има пет мошне амбициозни мисии, од кои првата веќе е завршена, а во тек е втората.
Леталото, односно капсулата Орион
Артемида 1 беше како тест за леталото кое без екипаж беше лансирано до Месечината, ја заобиколи и се врати назад.
Артемида 2 е истиот тест како првата мисија, но овој пат со екипаж.
Артемида 3 ќе биде мисија во ниската орбита на Земјата со која ќе се тестираат лунарните приземјувачи кои се направени од комерцијалните партнери на НАСА. Ова се летала со кои астронаутите ќе треба да слетаат на Месечината
Дури Артемида 4 е слетување на Месечината со екипаж. Астронаутите ќе поминат една недела на Месечината и ќе изведат низа испитувања, пред да бидат вратени на Земјата.
Артемида 5 е уште поамбициозна мисија, во чиј склоп двајца астронаути ќе слетаат на Месечината и ќе почнат со изградба на лунарна база.
Ако изградбата на база на Месечината биде успешна, тогаш ќе бидеме чекор поблиску до патување до патување до Марс со екипаж.
Астронаутите што ќе ја заобиколат Месечината
Од каде потекнува името на мисијата и зошто НАСА се враќа на Месечината?
Артемида е грчката божица на Месечината. Истовремено, таа е сестрата близначка на Аполо, а веќе спомнавме човекот првпат стапна на Месечината со мисиите Аполо.
Леталото со кое астронаутите ќе одат до Месечината се вика Орион – најпрепознатливото соѕвездие на небото. Но, исто така, во грчката митологија, Орион е ловџија кој ловел со Артемида.
За разлика од претходните мисии до Месечината, кога целта беше само да се слета на нашиот сателит, сега НАСА пробува да направи база таму.
А, од овој подвиг има и многу придобивки, не само за НАСА.
Пред сè, ќе се развијат многу нови технологии кои ќе го поплочат патот за идните вселенски патувања. Треба да се напомни и дека голем дел од технологијата што ја користиме ние е всушност резултат на истражувањата на НАСА.
Со испитувањата што ќе ве вршат на Месечината ќе си го збогатиме нашето знаење, а истовремено Месечината може да биде и ресурс за ретки минерали.
Дел од подготовките за Артемида 1 и 2
Како помина Артемида 1?
Артемида 1 беше тест за леталото Орион и за системите за лансирање, поточно ракетата, а мисијата се одвиваше во периодот ноември-декември 2022 година.
По лансирањето, Орион патуваше 450.000 километри до Месечината, а потоа ја заобиколи на 130 километри од нејзината површина.
Лансирањето на Артемида 1
Потоа отпатува уште 64.373 километри во вселената, пред повторно да се врати на Земјата.
Мисијата траеше 25 дена, а леталото слета во Тихиот Океан, во близина на Калифорнија, на 11-ти декември.
Во леталото немаше екипаж, но имаше опрема за низа научни и технички експерименти.
