Астронаут крсти месечев кратер по починатата сопруга, срушија рекорд: Како помина најважниот дел од Артемида 2?
Ја видоа Месечината одблиску, сведочеа на соларна еклипса, изгубија контакт со Земјата кога летаа зад нашиот сателит, а имаа и можност да крстат неколку лунарни кратери. По успешното прелетување на Месечината, четворицата астронаути од мисијата Артемида 2 сега се на пат кон дома.

Синоќа (06.04) пред полноќ започна најважниот дел од лунарната мисија Артемида 2 – четворицата астронаути со капсулата Орион успешно ја заобиколија Месечината и сега се на пат кон дома.
Астронаутите ја заобиколија Месечината на растојание од околу 6.000 километри, а имаа и можност да ја видат нејзината „темна“ страна, односно страната што никогаш не е видлива од Земјата.
Покрај тоа, го срушија рекордот на Аполо 13 и станаа луѓето кои отишле најдалеку од нашата планета.
Астронаутите ја добија честа да крстат и неколку кратери на Месечината.
Месечината фотографирана од Орион, непосредно пред прелетувањето
Како помина најважниот дел од мисијата?
Историскиот момент беше пренесуван во живо, а преносот почна вчера во 19:00 часот (1:56 попладне по американско време).
Околу 19:56 часот, астронаутите го срушија рекордот на Аполо 13 – астронаутите Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен станаа луѓето кои отишле најдалеку од Земјата.
Екипажот во капсулата Орион
Доколку не сте запознаени, мисијата Аполо 13 требаше да биде третото слетување на Месечината со екипаж.
Астронаутите беа лансирани на 11-ти април 1970 година, но само два дена подоцна, во капсулата експлодира резервоар со кислород.
Капсулата и системите што ги одржуваа во живот беа оштетени, па астронаутите се засолнија во „лендерот“ – модулот со којшто требаше да слетаат на Месечината.
Слетувањето на Месечината беше откажано и Аполо 13 се претвори во мисија за спасување.
Благодарение на експертите кои работат во НАСА, но и издржливоста на астронаутите, тие успеаја да се вратат дома.
Месечината фотографирана од Орион
Слично како астронаутите од Артемида 2, тие ја заобиколија Месечината и отидоа до растојание од околу 400.000 километри од Земјата, со тоа поставувајќи нов рекорд.
Астронаутите од Артемида го надминаа овој рекорд.
„Како што го минуваме најголемото растојание кое го поминале луѓето од Земјата, го правиме ова почестувајќи ги неверојатните обиди и подвизи на нашите предци во истражувањето на вселената. Ќе го продолжиме нашето патување уште подалеку во вселената…
Но, најважно од сè, го одбираме овој момент за да ја предизвикаме оваа и следната генерација за да се осигуриме дека овој рекорд нема да го држиме долго“, сподели астронаутот Џереми Хансен од капсулата Орион.
Астронаутот Џереми Хансен прави селфи
По овој важен момент, астронаутите добија можност да крстат неколку кратери на Месечината, кои тогаш за нив беа видливи со „голо око“.
Со ова се одбележа еден од најемотивните моменти од прелетувањето на Месечината – астронаутот Рид Вајзман крсти еден кратер по неговата сопруга Керол, која починала од рак.
Рид Вајзман и Керол
Летањето околу Месечината траеше околу шест часа, а астронаутите ја набљудуваа на растојание од околу 6.500 километри.
Во овој период астронаутите правеа фотографии, снимки и разни испитувања.
