Д-р Горан Николов, интернист-кардиолог: „Тестирањето на гените е едноставен процес, а помага за превенција на болести“

„Луѓето треба да знаат дека еден од клучните фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања, дијабетес, покачен крвен притисок, покачени маснотии, се прекумерната телесна тежина и дебелината, па затоа индивидуалните планови за исхрана кои ги правиме базирано на генетскиот профил на пациентот се особено важни. Тестовите се прават така што се зема примерок на ДНК од плунка“ - вели д-р Горан Николов за CRNOBELO.com на тема нутригенетика.

d-r-goran-nikolov-internist-kardiolog-01.jpg

Д-р Горан Николов е специјалист-интернист, супспецијалист-кардиолог, основач и раководител на ПЗУ “Центар за внатрешни болести СРЦЕ”.

Тој е познат по тоа што во својата ординација за првпат во Македонија воведува мултидисциплинарен пристап на лекување на интерните болести вклучувајќи специјалисти од разни области на интерната медицина, по принципот „Најдобрите интернисти на едно место“.

Во интервју за CRNOBELO.com д-р спец. Горан Николов зборува за нутригенетика, наука која ја проучува поврзаноста на гените и исхраната.

Во продолжение прочитајте го целосното интервју...

Дали може да ни кажете што е Нутригенетика и како се разликува од традиционалниот пристап кон нутрицијата?

Нутригенетика е наука која ја проучува поврзаноста помеѓу гените и исхраната. Таа има за цел да ја идентификува генетската предиспозиција за болести и начинот на кој многу мали разлики во гените можат да ги променат ефектите на исхраната во нашето тело.

Со нутригенетиката, се постигнува концепт на индивидуална исхрана, т.е. се даваат соодветни препораки за начин на исхрана врз основа на генетскиот профил.

Резултатите од ваквите тестови овозможуваат многу поспецифични индивидуални насоки за исхрана, со што се постигнуваат поефикасни резултати во споредба со општите совети и други диети.

d-r-goran-nikolov-internist-kardiolog-02.jpg

Што е она што ве инспирираше да ја воведете нутригенетиката како услуга во „Срце“, центарот за внатрешни болести, и какви бенефити има за луѓето кои сакаат да го подобрат своето здравје?

Пред повеќе од 10 години почнавме да работиме со диета и диетотерапија од областа на превентивната медицина.

Знаејќи дека оваа област може да помогне на многу луѓе во превенција и рана детекција на хронични заболување, решивме да ги следиме најновите трендови и го воведовме концептот на индивидуална исхрана базирана на генетскиот профил.

Луѓето треба да знаат дека еден од клучните фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања, дијабетес, покачен крвен притисок, покачени маснотии, се прекумерната телесна тежина и дебелината, па затоа правилната исхрана базирана на генетскиот профил е особено важна.

Може ли да ни објасните колкава е важноста на генетските предиспозиции и колкаво влијание имаат тие врз потребите на организмот за одредена исхрана?

Одговорот на прашањата колку ќе ни биде силен имунолошкиот систем, дали ќе имаме зголемена или намалена телесна тежина, како и колку сме склони кон потешки заболувања, лежи во нашите гени кои сме ги наследиле од родителите.

Додека пак, развојот на науката јасно ја покажува и важноста на исхраната кај голем број на заболувања како што се воспалителни состојби, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2, некои карциноми.

Кога ќе ги споиме овие две работи, можеме да креираме индивидуален план на исхрана кој ќе одговара на потребите на секој наш пациент.

d-r-goran-nikolov-internist-kardiolog-05.jpg

Конкретно кои гени се испитуваат при нутригенетско тестирање и што може тие да ни кажат?

Широка е палетата на гените кои ги испитуваме. Според резултатите, ги добиваме следните информации: дали имате предиспозиција кон дебелеење, дали вашето тело подобро ги метаболизира мастите или шеќерите, дали имате склоност кон дебелеење врз основа на внес на шеќери или внес на масти, дали носите генетски ризик за кардиоваскуларни болести (инфаркт на миокардот, мозочен удар…), дали имате ризик за дијабетес, инсулинска резистенција или полицистични јајчници, дали постојат болести на системот за варење.

Сите овие одговори ни даваат јасна слика за пациентот, па според тоа можеме да направиме соодветен индивидуален план.

За оние кои не се запознаени со нутригенетско испитување, дали може да ни го објасните процесот на тестирање и дали треба посебни подготовки пред тестирањето?

Процесот на тестирање е многу едноставен и не бара посебни подготовки.

Се изведува на тој начин што примерокот на ДНК се зема од плунка од усната празнина.

На основа на овој брис генетичарот има доволно материјал да ги анализира резултатите од вашите гени, кои ќе се изработат за 3-4 недели.

d-r-goran-nikolov-internist-kardiolog-04.jpg

Колку често треба да се прави нутригенетско тестирање и дали по добиените резултати и план на исхрана треба пациентите да доаѓаат на контролни прегледи или консултации?

Тестирањето се прави во која било возраст и еднаш во животот.

Понатаму, потребни се периодични контроли за да се следат постигнатите резултати, како и параметрите на крвните анализи како што се: нивото на гликоза и масти во крвта, витаминот Д, функцијата на штитната жлезда и другите органи.

Нутригенетиката се смета за иновативна метода во светот на медицината, па кои се вашите размислувања за иднината на оваа метода? Дали таа ќе стане неопходна и водечка, конкретно во превенција од хронични болести и промоција на долг и здрав живот?

Во 90-тите години на минатиот век, се воведува поимот на т.н. медицина базирана на докази (evidence-based medicine).

По 30 години, многу нешта се докажани, а многу од тие уште треба да се имплементираат и објаснат.

Новото решение е креирање на персонална медицина, која со правилна примена на медицината базирана на докази, ќе го лекува пациентот индивидуално, како што е случајот со нутригенетиката, а не според однапред зададени протоколи.

d-r-goran-nikolov-internist-kardiolog-03.jpg

За крај, за заинтересираните наши читатели кои сакаат да ја пробаат вашата нова услуга и да ја истражат моќта на нутригенетиката, какви чекори треба да преземат за да закажат тестирање во центарот?

Закажувањето на нутригенетско тестирање во „Срце“ – Центар за внатрешни болести е едноставно. Сè што треба да направат е да се јават во центарот и нашиот љубезен тим ќе им закаже термин и ќе ги воведе во процесот на тестирање.

d-r-goran-nikolov-internist-kardiolog-06.jpg

Посетете ги веб страницата на „Срце“ – Центар за внатрешни болести и нивните профили на Фејсбук и Инстаграм за да дознаете повеќе за центарот.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg