Интервју со Емилија Андонова, програмска координаторка во Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување
- Детали
- понеделник, 03 февруари 2025
Емилија Андонова е програмска координаторка во Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, дипломиран политиколог активно вклучена во спроведување на интернационални проекти.
Со посветеност кон работата и страст за предизвиците кои ги носат ваквите проекти, Емилија се издвојува како професионалец кој секогаш се стреми кон успех. Со диплома по политички науки, таа успешно комбинира техничка експертиза со силни лидерски вештини. Нејзиниот проактивен пристап, внимание на детали и критичко размислување ѝ овозможуваат ефективно справување со комплексни задачи и предизвици. Таа е посветена на постигнување извонредни резултати, секогаш бара нови можности за професионален раст и усовршување.
Таа е активно вклучена во обезбедувањето услуги на Enterprise Europe Network, има посебна експертиза во олеснување на бизнисот и преговорите за интелектуална сопственост, организација на деловни настани, брокерски услуги за трансфер на технологија; член е на Секторската група Текстил и Тематска група: Кластери. Дел е од неколку платформи/мрежи на граѓански организации, имплементира заеднички активности со академската заедница, вклучително и Работна група - Бриселска декларација за родова еднаквост, Европска мрежа за развој на женски менаџмент (Европа), Работна група за стандардизација на дефиницијата за женско претприемништво, жири на националниот натпревар за иновативно претпријатие (Македонија) и платформа за женско претприемништво – WEP (Европа).
Вклучена е во делот на организација на настани за поддршка на жените претприемачки во Европа и организациите кои работат во полето на женско претприемништво дел од WЕgate. Имајќи активна улога во женската претприемничка заедница, таа ги поддржува жените претприемачи од регионот со потребните информации, вештини и знаења од областа на женското претприемништво и интернационализација на нивните бизниси. Континуирано работи на поддршка на младите девојки во женското претприемништво и споделување на добри практики на регионално и национално ниво како мотивација за нивната иднина во остварувањето на нивните соништа.
Раскажете ни нешто за Вашиот професионален пат и како дојдовте до позицијата проектна координаторка која работи на интернационални проекти?
Уште како мала бев заинтересирана за волонтерска работа, на начин што ќе им помагам на луѓето околу мене, но и самата ќе се чувствувам продуктивно и исполнето. Во основно училиште активно учествував во најразлични активности надвор од наставата – таму ги надградував своите вештини, се мотивирав од постарите генерации и постојано споделував идеи за мали, но значајни чекори што можевме да ги направиме во нашата средина. Растејќи во Неготино, каде можностите за вонучилишни активности беа ограничени, постојано барав начини да се вклучам во организации што ќе ми овозможат да стекнам искуство, да запознаам луѓе и да научам нови вештини.
Во средно училиште започнав да реализирам сопствени проекти преку младински организации, создавајќи простор каде што младите можеа да учат, да се изразат и да соработуваат. Преку Центарот за регионален и одржлив развој во Неготино создадов катче за младите средношколци, каде можеа да ги унапредуваат своите знаења во областа на дебатата, медиумската уметност и човековите права. Со текот на времето, низ разни младински програми реализиравме заеднички проекти низ цела Европа, овозможувајќи им на младите да учествуваат во младински размени и да учат од своите врсници. Горда сум на сите што беа дел од тие младински клубови, а денес се успешни луѓе кои го надградуваат своето знаење и кариера низ светот.
Овие искуства ме инспирираа да продолжам со студии по Политички науки, каде што се вклучив во студентски организации и иницијативи за поддршка на жените и младите. Волонтерската работа во Националниот совет за родова еднаквост ме доведе во контакт со многу жени претприемачки – силни, упорни и посветени, но воедно соочени со бројни предизвици во водењето на своите бизниси. На овие жени не им беа потребни само финансии, туку и стручна поддршка, насоки и пристап до информации што ќе им помогнат да ги развијат своите идеи. Светот на женското претприемништво ме фасцинираше – гледав како, и покрај сите препреки, со труд и посветеност ги градат и унапредуваат своите бизниси.
Токму тоа ме мотивираше да продолжам да работам во оваа насока. Денес, преку Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, активно се ангажирам во различни проекти што ги поврзуваат жените претприемачки со мерките, програмите и можностите што им се потребни за да ги реализираат своите идеи. Мојата мисија е да им помогнам да ги надминат бариерите и да ги остварат своите потенцијали – затоа што кога жените успеваат, добива целото општество. Работиме на проекти кои го поттикнуваат економскиот развој и иновациите но и паралелно опфаќаме теми кои се битни во циркуларната економија.
Споделете кои активностите ги спроведува Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и како ги поддржува жените претприемачки во интернационализацијата на нивните бизниси?
Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување се посветува на унапредување на економијата и општеството преку истражување, иновации и поддршка на развојот на претпријатијата. Нашата цел е да ги поттикнеме компаниите да се развиваат, да пристапат до глобалните пазари и да создадат еко-иновации што ќе генерираат нови можности за бизнис. Исто така, активно работиме на социјалната кохезија за одржлив економски развој. Како мултидисциплинарна истражувачка организација, комбинираме експертиза од областа на технологиите, социјалните науки и родовата еднаквост. Преку нашите проекти, делуваме како водечки провајдер за иновации и трансфер на технологии, поддржувајќи јавни политики и мониторинг на иновации, индустрија и претпријатија. Нашите активности вклучуваат обуки за градење капацитети на компании, јавни институции и граѓански организации, фокусирајќи се на иновации, претприемништво, циркуларна економија, развој на мали и средни претпријатија, родова еднаквост и проектен менаџмент.
Организираме обуки за иновации, претприемништво, дигитализација и циркуларна економија, како и специјализирани академии за жените претприемачки, каде што учат за финансиска писменост, лобирање и пристап до финансии. Преку B2B настани, конференции и форуми за иновации, ги поврзуваме со меѓународни партнери, овозможувајќи им пристап до нови пазари и можности за соработка.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во Вашата работа и како ги охрабрувате жените претприемачки да ги надминуваат своите предизвици?
Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме е постојаното прилагодување на брзите технолошки промени и обезбедувањето на релевантни ресурси за нашите корисници. Исто така, од клучно значење е одржувањето на рамнотежа помеѓу економскиот развој и одржливоста, особено во контекст на зелената транзиција. Затоа, структуриравме клучни области на поддршка и ги охрабруваме сите заинтересирани да ги искористат нашите бесплатни услуги: Градиме капацитети за интернационализација, дигитализација, зелена економија и унапредување на бизнисите; Создаваме можности за поврзување со меѓународни партнери преку B2B настани во земјата и странство; Организираме специјализирани тренинзи за финансиска писменост, пристап до капитал и пичинг сесии пред инвеститори, помагајќи им на жените претприемачки да обезбедат средства за раст; Овозможуваме учество на конференции, подкаст-серии и онлајн курсеви, подигајќи ја свеста за важноста на интернационализацијата и инспирирајќи ги жените претприемачки со успешни приказни. Сите заинтересирани ги охрабрувам да се регистрираат на нашите бесплатни онлајн курсеви: Login | Pretpriemacedu Courses, преку кои можат да ги надоградуваат своите знаења. Се стремиме да создадеме средина каде жените претприемачки ќе имаат еднаков пристап до знаење, мрежи и ресурси за успешна интернационализација и раст на своите бизниси.
Што би им препорачале на жените претприемачки и младите кои сакаат да се занимаваат со претприемништво?
Бидете љубопитни и отворени за нови знаења. Никогаш не престанувајте да учите и следете ги трендовите во индустријата преку надоградување на своите знаења. Вмрежувајте се со професионалци од различни области и не плашете се да преземате иницијатива. И најважно, верувајте во вашите идеи и бидете истрајни во нивната реализација. Верувајте во своите способности бидејќи самодовербата е клучна. Вашите идеи и визии се важни и заслужуваат да бидат слушнати, ве охрабруваме да се вклучите во нашите подкасти и да ја споделите вашата приказна, преземајте повеќе иницијативи.
Поврзувајте се со други жени претприемачки и создадете мрежа за поддршка каде што можете да разменувате искуства, знаења и совети преку учество на нашите Б2Б настани и конференција. Вложувајте во своето знаење и вештини преку обуки, и настани за вмрежување кои ги организираме, како и користете ги достапните онлајн ресурси. Информирајте се за програмите, грантовите и поддршката кои се достапни за жените претприемачки и земете учество во кампот за пристап до финансии кој го организираме. Бидете инспирација за другите – Вашата истрајност и успеси можат да мотивираат многу други жени да го следат вашиот пат. Работете на балансирање на личниот и професионалниот живот – Одвојувањето време за себе ќе ви помогне да бидете поефикасни и исполнети во својата работа. Следете ги нашата веб страна и социјалните медиуми и бидете во тек со нашите активности.
Како би се опишале приватно и што е тоа што ве исполнува?
Како страствен поборник за еднакви права, ентузијаст за промени и вечен оптимист, верувам дека сè се случува токму онака како што треба. Приватно, најмногу ме исполнуваат моментите кога се повлекувам во својот свет – сакам планини, медитација и време за себе, за самоанализа и внатрешен мир. Патувањата ми се страст – уживам во откривање нови места, култури и искуства. Ништо не ме опушта повеќе од добра музика, инспиративна книга или филм што ме тера на размислување. Би се опишала како личност која секогаш е со насмевка, љубопитна за нови нешта и подготвена да ги истражува можностите без страв од ризиците. Живеам во сегашниот момент и верувам дека секој ден е можност за нова приказна.